Достапни линкови

Експертите сметаат дека обвинувањата се неосновани


Кога ултранационалистичката Српска радикална партија го презеде водството на неодамнешните претседателски и парламентарни избори, некои политичари во Белград го обвинија Хашкиот трибунал за враќањето на национализмот во Србија. Експертите пак оценуваат дека таквите обвинување се неосновани и оти проблемот, барем еден негов дел, е во тоа што на владата и недостигаше политичка волја да се справи со минатото.

„Успехот на Српската радикална партија всушност е овозможен од надежната политика во Србија и од политиката спрема Србија од надвор.“

Ова го изјави Воислав Коштуница, лидерот на умерено националистичката Демократска партија на Србија, говорејќи по декемвримските предвремени парламентрани избори во Србија. На овие избори Српската радикална партија чиј лидер е хашкиот затвореник Воислав Шешељ, доби скоро една третина од гласовите. Политичарите во Белград сметаат дека за ваквиот успех придонесол Хашкиот трибунал со неговиот притисок до српските власти да ги израчаат осомничените за воени злосторства извршени за време на војните на Балканот во деведестите години од минатиот век. Последното вакво барање од Хаг дојде во октомври минатата година и се однесуваше на четворица српски генерали. Премиерот Зоран Живковиќ тогаш рече дека со ваквите обвинувања кои дојдоа за време на предизборната кампања за претседателските избори се минираат реформите во Србија. Од друга страна, експертите велат дека притисокот од Трибуналот во Хаг многу не придонесол за зацврстувањето на ултранационалистите во земјата. Богдан Иванишевиќ од Хјуман Рајтс Воч вака го објаснува ова:

„Ако ги споредувате овие резултати со оние во две илјадитата на кои за претседател беше избран Слободан Милошевиќ ќе видите дека тогаш Милошевиќ доби повеќе гласови отколку што сега добија партијата што го поддржуваат него.“

Иванишевиќ додава дека, и покрај отстранувањето на Милошевиќ, таканаречениот воен нацинализам се уште е присутен во Србија.

„ Мислам дека е безразумно за ова да се обвинува Трибуналот. За тоа се виновни самите срби и српската влада која во изминативе три години не понуди нешто за да го намали нацинализмот меѓу граѓаните.“

Наташа Кандиќ, директор на Фондацијата за хуманитарно право со седиште во Белград исто така смета дека воениот национализам не е победен поради тоа што не постои политичка волја во Србија за решавање на злосторствата на српските сили. Таа додава дека српските демократски власти погрешиле во уверувањето дека за тоа ќе биде доволно само сменувањето на Слободан Милошевиќ.

„Меѓународниот кривичен трибунал и судењата во Хаг не се приоритет. Воените злосторства и одговорноста за нив не се приритет на ова општетство, и на овие институции. До денес ние немавме дебата во парламентот за овие прашања. Тоа, според моето мислење, е главниот проблем зошто демократијата во Србија се одвива толку бавно.“

Вели Наташа Кандиќ од белградската фондација за хуманитарно право.
XS
SM
MD
LG