Достапни линкови

Изгласан буџетот за 2004 година


Буџетот за 2004 година што изнесува 54,512 милијарди денари, што е за 0,5 проценти поголем од претходниот буџет, според големината, обемот и структурата, претставува одраз на социјалните прилики и економската состојба во земјава, оценува професорот по економија Живко Атанасовски:

„Тешко е да се планира поголем буџет, меѓу другото поради економската ситуација која е неповолна. Структурата на буџетот е крајно неповолна, првенствено заради преовладување на средства за плати и социјални трансфери.“

Сепак, професорот Атанасовски забележува дека со оглед, на како што вели малото учество, односно отсуството на инвестиции од приватниот сектор, државата преку буџетот требало да има стратегија за динамизирање на стопанските движења, што не се случило:

„Сеуште буџетот не игра таква улога кај нас, туку има ограничувачка функција и главно се сведува на финансирањето на јавните функции.“

Инаку, утврдувањето на буџетот за 2004 година освен анализа за неговата структура од експертите по економија, годинава предизвика пошироко внимание поради атмосферата во којашто беше донесен. Во коментар на атмосферата во парламентот што го отслика однесувањето на пратениците од опозицијата со удирање по клупите и свирежи, според одлуката на парламентарно мнозинство да ги ограничат дискусиите на пет минути, политиколозите оценуваат:

„Седниците на парламентот се претвораат во класинчна пародија, народните избраници ги трошат парите на граѓаните за правење циркус, секојдневно. И власта и опозицијата го кршат деловникот со својот настап во собранието,“

вели професор Рената Десковска.

Таа укажува дека спорен е членот од деловникот кој се однесува на ограничување на дискусиите. Според Десковска, спорна од друга страна е праксата на пратениците својот став да го изнесуваат со молчење, како што се случи на последната собраниска седница. Во тој контекст таа упатува на улогата што во собранието треба да ја има претседателот на парламентот:

„Според деловникот, доколку пратеникот дискутира на тема којашто не е на дневен ред, претседателот е должен да го опомене и да го насочи. Тоа истото може по аналогија да се пренесе и на незборување. Друго е што претседателот прв промовираше таков начин, кога се избираа членовите на Републички судски совет.“

Таа заклучува дека атмосферата во која помина собраниската расправа за буџетот, не би требало да стане пракса во иднина.
XS
SM
MD
LG