Достапни линкови

Аналитичарите за причините за оваа одлука


Либискиот лидер Муамер ел Гадафи, поздравувајќи го планираното доаѓање на инспекторите за оружје во неговата земја, изјави дека тој не крие никакво оружје за масовно уништување. Гадафи во интервју за Си Ен Ен додаде дека либискиот пример треба да го следат и другите земји со цел да бидат спречени трагедидиите со кои можат да се соочат нивните народи. Што, според аналитичарите, стои зад одлуката на Либија да дозволи меѓународна инспекција на нејзиното оружје.

Одлуката на Либија, до која дојде по деветмесечни тајни преговори со Соединетите Држави и Британија, вчера резултираше со дополнителен протокол со кој меѓународните инспектори веќе во идната недела треба да ја посетат земјата. Светот го поздрави тоа со оценка дека станува збор за позитивен чекор кон глобалната безбедност. Експертите пак, се обидуваат да откријат што придонесе за ваквата либиска одлука. Ханс Бликс, поранешен шеф на инспекторскиот тим за оружје на Обединетите Нации, шпекулира дека Гадафи можеби се уплашил да не ја доживее истата судбина како и Садам Хусеин.

„Можам само да шпекулирам, но би можело да замислам дека Гадафи се уплаши од она што го виде во Ирак. Бидејќи американците имаат потешкотии да го сторат истото во Иран и во Северна Кореа како што го направија во Ирак, Либија стануваше се поизложена. Затоа можеби Гадафи имаше причини да биде загрижен.“

Аналитичарите додаваат дека Гадафи дејствувал во тој правец бидејќи сака да ја подобри економската ситуација во Либија и да ја отвори вратата за странски инвестиции. Санкциите на Обединетите Нации против Либија, воведени поради нејзината вмешаност во уривањето на американскиот авион над Локерби пред петнаесет години, беа укинати во минатиот септември. Но, американските санкции и натаму се во сила. Шарам Чубин, директор на Центарот за безбедносна политика со седиште во Женева вели:

„Мислам дека тоа е комбинација од тешкотиите во Либија поради санкциите на Обединетите Нации и начините како да се решат тие тешкотии.“

Чубин верува дека со тоа Гадафи му го расчистува патот на неговиот син да го замени како либиски лидер.

„Како второ мислам дека Либија, особено нејзиното раководство, се подготвува за сукцесија. Тие мора да признаат дека притоа би било добро да ја приближат Либија до меѓународната заедница. Исто така мислам дека тоа е признание оти Гадафи сака да биде заменет од неговиот син.“

Од друга страна, Чубин не верува дека другите земји ќе го следат примерот на Либија, но додава дека одлуката на Триполи ќе го засили присуството на меѓународните норми во врска со неширењето на нуклеарното оружје.

„Не мислам дека либиската одлука ќе има влијание врз она што би можело да го направат на пример Иран и Северна Кореа. Но, мислам дека тоа ќе покаже дека треба да се почитуваат стандардите во меѓународните односи.“

Некои посматрачи сметаат дека одлуката на Либија ги става во тешка позиција Сирија и Израел кои ги отфрлаат барањата да се откажат од оружјето за масовно уништување.
XS
SM
MD
LG