Достапни линкови

Неспроведувањето на реформите во полицијата им штетат на граѓаните


Во Хелсиншкиот комитет за човекови права оценуваат оти од неспроведувањето на реформите во Министерството за внатрешни работи најмногу страдаат грагааните. Од таму упатуваат и низа критики за комуникацијата со медиумите, како и за примената на неполициски методи и непочитување на правото. Во контекст на овие обвинувања во МВР велат дека министерството работи според законот и апелираат до нив доколку имаат сознанија тоа да го сторат со укажување на конкретни имиња.

„Воопшто не се остварува презумцијата на невиност, со продолжувањето на давање изјави во јавноста од страна на високи функционери во министерството. Потоа, страдаат слободата и приватноста на граѓаните, со продолжувањето на практиката на незаконско приведување и задржување од страна на полицијата и сеуште продолжува начинот на прибирање на податоци преку изнудување на признанија,“

вели Мирјана Најческа претседател на Хелсиншкиот комитет. Ѓунер Исмаил член на националниот совет за безбедност посочува дека не може да се очекува поинаква работа на министерството од она што е карактеристика за функцинирањето на државава:

„МВР функционира толку и така како што ни функционира целиот систем, односно целата правна држава. Во таа смисла, министерсвтото не е некоја изолирана појава, во смисол на нетранспарентност, во смисол на користење или злоупотребување на капацитетите со коишто располага. Имено, не е тајна, особено во круговите на новинарскиот еснаф, дека многу често, едно така да се каже, „подземје“ во министерството, ги злоупотребува каналите коишто им се отворени кон медиумите и ги користи за брифирање на јавноста.“

Во контекст на обвинувањата за писмените обраќања на министерството до медиумите, Исмаил вели дека право на МВР е да избере на кој начин ке се обрати до нив и јавноста воопшто, што не значи дека секогаш ја избира вистинската опција и додава:

„Се разбира, тоа е прашање на стил, на кој начин ќе дискутира. Во случајов, за жал, многу често, јавноста, дискусиите и обраќањата на министерството ги доживува во еден контекст во којшто има и одерена закана итн. Тоа е министерство, коешто по дефиниција спаѓа во тие сфери, министерства овластени за репресија и во случајов дискусијата мора да биде крајно одмерена, суптилна, со водење сметка, за сите овие елементи.“
XS
SM
MD
LG