Достапни линкови

Целосна транспарентност на работата на државните институции


Македонија е една од последните држави во Европа, што нема донесено закон за слободен пристап до информации од јавен карактер. Таа овој закон мора да го донесе порано или подоцна бидејќи меѓународните стандарди таквиот закон го налагаат како предуслов за земјите кои се аспиранти за члество во ЕУ. Експертите оценуваат дека уставната гаранција во која е пропишано правото на слободен пристап до информации не е доволно и дека таа во пракса не се остварува:

„Најчесто се судирате со молчење на администрацијата, знаете, според некои други закони администрацијата има право да молчи. Сега вие не знаете дали вам некогаш ќе ви биде дозволен пристап до информацијата или нема да ви биде дозволен и врз основа на што нема да ви биде дозволен ако сте одбиени.“

Таквата пракса во работата на институциите за кои зборува комуникологот Климе Бабунски, граѓаните ја потврдуваат преку секојдневното искуство:

„Никој не е отворен.“
„Тие имаат обврски спрема граѓаните, тоа не е кралство, па некоја династија да владее, туку ова е ајде да речеме демократија.“


Законот за слободен пристап до информации на граѓаните треба да им овозможи право да бараат различни информации од државата.

„Кои експерти се појавиле како советници на владата? Која е процедурата во која тие се назначени? Кои се парите што тие ги добиле? Или кои се невладинит еорганизации што добиле буџетски средства? Врз каква основа?“

Но, граѓаните се сомневаат дека еден таков закон ќе одговори на вистинските состојби за работата на институциите на државата:

„Веројатно може да се добие, меѓутоа колку е исфилувана таа информација од изворот не се знае.“

Живко Темелковски е претставник на невладината организација Транспарентност Македонија која е предлагач на законското решение што се изработува во соработка со Министерството за правда:

„Не е целта законот да биде донесен овој или наредниот месец, напротив, да се изработи што е можно подобар закон. И уште повеќе да ги користиме позитивните работи од државите каде што вакви закони веќе се донесени и да донесеме закон што ќе трае подолго време и во кој ќе бидат вградени сите тие меѓународни стандарди. Ниедна меѓународна организација што се занимава со оваа проблематика, да не ни даде забелешки.“
XS
SM
MD
LG