Достапни линкови

Апсењето на Хусеин не значи и крај на отпорот против сојузничките сили во Ирак


Апсењето на Садам Хусеин е значаен чекор кон стабилизацијата на Ирак, но аналитичарите оценуваат дека тоа не значи и крај на отпорот против сојузничките сили во таа земја. По објавувањето дека Садам е уапсен, во Багдад повторно одекнаа експлозии, а аналитичарите потсетуваат дека и по убиството на неговите двајца синови, беа интензивирани нападите врз американските и другите странски мировни сили во Ирак.

И покрај славеничката атмосфера и чувството на задоволство, американскиот претседател Џорџ Буш го потсети светот дека со апсењето на Садам Хусеин не завршува битката во Ирак.

„Фаќањето на Садам Хусеин не значи и крај на насилствата во Ирак. Ние сеуште се соочуваме со терористи кои убиваат цивили и не прифаќаат слобода во срцето на Блискиот Исток. Таквите луѓе се директна закана за американскиот народ и тие ќе бидат поразени.“

Аналитичарите се согласуваат со ваквиот став, а Леон Фуерт, поранешен советник за национална безбедност, додава дека интензитетот на евентуалните нови насилства ќе зависи од тоа колку Садам бил директно инволвиран во организирањето на отпорот. Или потточно, доколку тој командувал со нападите, тоа ќе значи и крај на отпорот во Ирак. Фуерт смета и дека сега кога дефинитивно пропаѓа можноста Садам да се врати на власт, отпорот можеби ќе премине во класичен тероризам на своја рака. Џудит Кипер, експерт за Блискиот Исток, оценува дека сепак апсењето на Садам ќе има позитивен ефект врз стабилизацијата на Ирак.

„Се разбира дека ќе има голем ефект врз ирачкиот народ, кој живееше во држава на терор. Сега тие знаат дека сигурно тој режим го нема и ќе гледаат кон иднината.“

Едно од клучните прашања, по апсењето на Садам Хусеин, е и дали сега ќе се добијат конкретни податоци за ирачкото оружје за масовно уништување. Според аналитичарите, тоа е можно, но Фуерт смета дека има и друга алтернатива.

„Што ќе се случи доколку Садам Хусеин не зборува за оружјето за масовно уништување или доколку каже ве лажев, тоа не постои. Дали ќе може да му се верува?“

Џон Волфштал, експерт за забрането оружје, оценува дека по ова прашање тешко ќе биде откриена вистината. Тој објаснува дека можеби и Садам не знаел точно какви биле ирачките воени капацитети, бидејки не е исклучено воените команданти да му прикажувале лажни податоци за моќноста на ирачката армија за да не го разочараат. Како и да е на Садам Хусеин му престои судење за злосторствата што се неспорни, а тој, според Леон Фуерт, ќе се обиде да се претстави како заштитник на ирачаните и арапите од Западните сили. Меѓутоа, Фуерт смета дека уште од сега е јасно дека тоа нема да му успее.

„Првичните снимки и околностите на неговото апсење имаат јасна порака, тој не е лидер и човек кој треба да се следи до смрт, тој е едноставно бегалец, кој е фатен.“
XS
SM
MD
LG