Достапни линкови

Заеднички настап во обновата на Ирак


Македонските градежни фирми се охрабрени од одлуката на владата на САД, 18 милијарди долари тешкиот фонд за реконструкција на Ирак, да биде достапен само за земјите учеснички во анти-терористичката коалиција. И додека Франција, Гермнанија и Русија го оспоруваат вавкиот чекор на Вашингтон, македонската влада оценува дека ова е вистинска шанса за нашите градежници. Подготовките за заеднички настап во Ирак се под раководство на Мак Стил Инженеринг, што го сочинуваат фирмите: Мак Стил, ФАКОМ, Металец од Прилеп и ИГМ од Кавадарци.

„Е сега за настапот во Ирак ние се регистрираме заедно со наши партнери, тоа се пет фирми, за градежни работи и електро монтажа ЕМО од Охрид. Сметаме дека со една целовитост во нашите понуди ќе бидеме послесно приметливи од инвеститорите за обновата на Ирак,“

вели управникот на Мак Стил Инженеринг, Ѓорѓи Савов.

Иако смета дека сеуште е рано да се очекува наше позначајно присуство во обновата на Ирак, Савов посочува, подготовките се во тек:

„Се треба да биде спремно. Како што се спрема владата американска што одвојува средства, така и ние треба да се спремаме со организација, со опременост, со квалификување и доквалификување луѓе итн.“

Фактот што Македонија се наоѓа на позитивната листа заедно со 60-тина земји кои можат да учествуваат на тендерите за Ирак сигурно дека ги зголемува шансите на нашите фирми. Сепак, вели Савов, тоа не значи дека без подготовки и добра понуда можеме да бидеме конкурентни:

„Ние ќе бидеме таму на една позитивна листа на можни изведувачи, меѓутоа заедно со други квалификувани изведувачи ќе си конкурираме. Тоа ќе бидат, нормално една процедура каде што ќе се избира најповолниот изведувач.“

Слична можност за презентација на македонската понуда за реконструкција на Ирак се отвора и со престојниот саем што за таа цел ќе се одржи во јануари во Кувајт. Министерството за економија распиша конкурс, на кој се јавија десетина фирми. Владата ги покрива трошоците за учество на саемот, изјави портпаролот на министерството за економија Гоце Пачемски:

„Останува на нив и нивната иницијативност да дојдат до Кувајт и да се претстават во најдоброто светло, затоа што покрај големиот бизнис за реконструкција на таа земја, сигурно ќе има и помали бизниси што нашите компании со оглед на искуството што го имаа во изминатите децении на настап на тој пазар, значи не им е непознат пазарот, можат да ја искористат оваа можност.“
XS
SM
MD
LG