Достапни линкови

Усогласување на ставовите околу првиот Устав на Унијата


Лидерите на 15-те земји членки на Европската Унија и на 10-те земји кои ќе се приклучат во мај наредната година, на самитот во Брисел се обидуваат да ги усогласат ставовите околу првиот Устав на Унијата. Дводневниот состанок се одржува во услови на спротиставени ставови во врска со начинот на одлучување во Унијата по проширувањето. Спорен е бројот на комесарите во Европската комисија и предвидениот систем на мнозинско одлучување, според кој, за да помине некоја одлука е потребно за неа да гласаат најмалку 50 насто од државите и 60 насто од вкупниот број на жителите на идната Европска Унија во која ќе има 450 милиони луѓе. Најголеми противници на ваквиот систем се Полска и Шпанија и некои други помали земји, со став дека доминантна улога во Европската Унија ќе имаат најмоќните држави, - Германија, Франција и Велика Британија. Германскиот канцелар Герхард Шредер изјави дека би се согласил со одлагање на конечниот договор за ова прашање, но никако и со измена на текстот. На слична позиција е и Италија, која е актуелен претседавач, а претседателот на Европската комисија, Романо Проди изјави:

„Овој Европски совет има целосна политичка одговорност за иднината на европската интеграција и клучно е да се најде компромис за балансиран текст, кој ќе биде прифатлив за сите. Но секако, не можеме да влеземе во ризик да донесеме Устав по секоја цена.“

Меѓутоа, белгискиот министер за надворешни работи Луис Мичел оцени дека доколку овој викенд не биде усогласен Уставот, Европската Унија ќе влезе во криза. Претпладнето, пред почетокот на самитот, меѓусебни консултации одржаа лидерите на Франција, Германија и Велика Британија, Жак Ширак, Герхард Шредер и Тони Блер. Британскиот премиер оцени дека самитот ќе биде тежок.

„Нема сомневање дека ќе има тешки преговори. Европа ќе брои 25 членки и ние треба да бидеме сигурни дека ќе донесеме вистински одлуки за економијата, безбедноста, со кои треба да се обезбеди Европската Унија да работи ефикасно.“

Како што е најавено, доколку и до утре не биде постигнат компромис по спорните прашања, можно е самитот во Брисел да продолжи и во недела.
XS
SM
MD
LG