Достапни линкови

Партијата на Путин во убедливо водство, втори комунистите


На вчерашните избори за долниот дом на рускиот парламент, Државната Дума, убедливо води Единствена Русија, партија што ја поддржува рускиот претседател Владимир Путин. На второ место се комунистите, кои сепак добија за половина помалку гласови од претходните избори.

Претседателот на Централната изборна комисија Александар Вешњаков, соопштувајќи дека се обработени деведесет насто од гласовите, прецизира

„Единствена Русија со триесет и осум запирка осум проценти е на првото место. Комунистичката партија е на второ со дванаесет запирка седум проценти. Либерално демократската со единаесет запирка осум проценти е на трето место, а блокот Родина има девет насто.“

Вешњаков смета дека, во натамошното пребројување на гласовите не се очекуваат позначајни промени и оти веќе сега би можело да им се честита на победниците.
Другите партии, меѓу нив и десно либералната Јаблоко на Григори Јавлински и Сојузот на десните сили на Анатолиј Чубаис и Борис Немцов добија околу четири проценти со што не го минаа цензусот за влез во Думата. Огромното мнозинство гласови за пропутините партии, како што сметаат аналитичарите, не претставува изненадување. Но, според нив, вистинска сензација е тоа што за комунистите на Гендаиј Зјуганов гласале над дванаесет насто што е голем пад во однос на добиеното на претходните избори, дваесет и четири проценти. За изненадување се смета и успехот на таканаречните национал патриоти од Родина. Сензација е и тоа што либералните партии Јаблоко и Сојузот на десните сили не влегоа во Думата, иако странските посматрачи велат дека тоа е резултат на, како што се наведува, нееднаквите можности за спроведување на предизборната кампања. Со вакви резултати се очекува Единствена Русија, заедно со другите партии што ја поддржуваат, да добие двотретинско мнозинство во Думата што ќе биде доволно да се иницираат клучните промени во уставот, вклучувајќи го и продолжувањето на мандатот на претседателот на Русија.

„Ова е многу опасно за иднината на Русија и многу опасно за целиот свет. Додека демократска Русија не е опасност за никој, авторитарните руси со своето нуклеарно оружје се сериозен проблем не само за земјата и соседите, туку и за целиот свет.“

Изјави лидерот на Сојузот на десните сили Борис Немцов. Изборите за Думата беа комбинирани, односно двесте дваесет и пет места се добиваат според пропорционалниот, а другите двесте дваесет и пет, според мнозинскиот модел. Инаку, вчера во седумдесет од осумдесет и деветте региони во Русија се спроведуваа и локални избори. Интересен е податокот дека актуелниот градоначалник на Москва Јури Лушков го доби и третиот мандат на оваа функција. За него гласале седумдесет и пет проценти од избирачите.
XS
SM
MD
LG