Достапни линкови

Најава од Вашингтон за преразгледување на санкциите за увоз на челик


Во минатата година американскиот претседател Џорџ Буш го налути останатиот свет со одлуката за воведување даноци за увоз на челик. Во минатиот месец пак, Светската трговска организација пресуди дека овие даноци се нелегални. Веднаш потоа Европската Унија соопшти дека се подготвува да воведе соодветни економски санкции против Соединетите Држави.

Најновото во овој случај доаѓа од Вашингтон кој најави дека ќе ги преразгледа санкциите за увозот на челик. До ваквата најава дојде откако неколку поголеми американски трговски партнери соопштија дека до петнаесети овој месец ќе воведат санкции за американските производи. Само планираните даноци на Европската Унија ќе го чини американскиот извоз над две милијарди и двесте милиони долари. Претседателот Буш ја оправдуваше својата одлука со намерата за заштита на американските производители на челик и оти даноците ќе помогнат за зачувување на сто илјади работни места во земјата. Американските партнери тоа го оценија како протекционизам, а на ист став се и некои американски економски аналитичари кои, од друга страна го велат и тоа дека со даноците не се постигнале саканите ефекти. Ен Флорини од Брукингс интитутот од Вашингтон смета дека Буш уште во почетокот требаше да знае дека дека Светската трговска организација нема да ја поддржи неговата програма.

„Можете да аргументирате околу челикот, иако јас тоа не го прифаќам, дека заштитата е привремена мерка со цел индустријата да застане на здрави нозе. Со ваквиот, според стандардите на Светската трговска организација, илегален чекор, стануваат целосно лицемерни нашите жалења дека европјците го штитат своето земјоделско производство.“

Од друга страна, економскиот експерт Клод Барфилд не се согласува со мислењето на Ен Флорини дека даноците претставуваат кршење на правилата на Светската трговска организација.

„Беше целосно легитимно за Соединетите Држави да ја активираат заштитата и потоа беше целосно легитимно другата страна да каже ,,Вие го злоупотребувате тоа,,. На таков начин и функционира целиот систем.“

Вели Барфилд кој сепак смета дека воведувањето на даноците повеќе и наштети отколку што и помогна на американската индустрија. Или, како што вели, со нив челикот прозведен во Америка стана поскап од оној што се увезуваше. Има аналитичари кои сметаат дека претседателот Буш се водел од политички мотиви во врска со даноците за челик. Имено, најголемите челичарници се наоѓаат во Мичиген, Охајо и Пенсилванија, држави во кои тој би сакал да победи на наредните претседателски избори. Флорини смета дека и најавата за преиситување на даноците е исто така политички мотивирано, посебно откако Европската Унија рече дека би можело да воведе даноци за американскиот сок од портокали.

„Тоа би можело да ја погоди Флорида. Мислам дека Европејците беа многу умни околу нивниот контраодговор. Сега треба да се измерат политичките последици од останувањето на даноците за челик.“

Вели Флорини додавајќи дека токму Флорида беше клучната Џорџ Буш на претходните избори да дојде на функцијата претседател на Соединетите Држави.
XS
SM
MD
LG