Достапни линкови

Партиите од власта и од опозицијата со различни ставови за законот


Пратеничките групи во парламентот остануваат поделени во ставовите за измените и дополнувањата на Законот за државјанство, што е во собраниска процедура. Со најголеми забелешки во однос на текстот, со кој меѓу другото се предвидува намалување на периодот за стекнување на право за државјанство од 15 на 8 години, настапува најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ:

„Ние веќе предложивме, значи да се намали на 10 години, но онаа година кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Така што сметаме дека ова е непотребно намалуавање на годините потребни за стекнување македонксо државјанство. Втората забелешка е тоа што повторно се дава можност на граѓаните од поранешните југословенски републики да аплицираат за македонско државјанство, иако во почетокот на 90-тите значи во оние години после осамостојувањето им беше дадена таа можност. И трето, тоа што законот на некој начин ги ограничува лицата од македонско потекло коишто не се директно од Репулбика Македонија да се стекнат со македонско државјанство.“

Дел од сомневањата од манипулации во законот на кој упатува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, ги демантира Министерот за внатрешни работи, Хари Костов:

„Мора да се исполни законски услов, за осум години законски престој во Република Македонија, според тоа, не може тој што диво престојува, воопшто не исполнува услов и тие се предмет на протерување од Република Македонија, а не предмет на постапка за стекнување државјанство. И уште една манипулација повторно, со Македонците по потекло. Мислам дека доволно објаснив, Македонците по потекло кои живеат во Република Грција, во Република Бугарија, во Република Албанија се државјани на тие држави, и тие од наш аспект се странци. Меѓутоа, е национален интерес тие да имаат и македонско државјанство.“

Зад измените на текстот на законот за државјанство застануваат партиите од власта СДСМ и ДУИ:

„Овој закон е согласно европските критериуми и стандарди од една страна, но и согласно со потребите на граѓаните,“

вели Игор Ивановски, портпарол на СДСМ.

„Државјанството се дефинира како правна врска меѓу граѓанинот и државата и дефинитивно се деетнизра,“

вели Теута Арифи од ДУИ.

Во ПДП генерално гледано измените што се содржани во овој закон, претставуваат компромис со предлогот на оваа партија за намалување на годините потребни за стекнување на државјанство на пет.
XS
SM
MD
LG