Достапни линкови

Парламентот најавува усвојување мерки за санкционирање


Бев силувана и тепана од мојот роднина, насилството беше моето секојдневие. Така изгледаше мојот живот, и животот на моите деца:

„Од роднинска врска, прерасна во малтретирање, како врз моите деца, така и врз мене, со тоа што на два три пати проба да ме силува. После тоа неуспешно силување, тој почна да се заканува со убиство, со убиство на моите деца, на мене, и успеав некако да побегнам од него.“

Се се променило кога оваа жена се обратила на „Шелтер“, прифатилиштето за жени и деца, жртви на насилство. Ова нејзино искуство е слично, или идентично на илјадници жени кои ја поминуваат агонијата на насилството. Токму заради тоа ова се денови против насилството, само за да се стави крај на оваа срамна пракса, како што вели првиот човек на ОН, Кофи Анан.

Жената којашто ја кажува својата потресна приказна, бара нешто повеќе од својата држава, а тоа е Закон против насилството:

„Ми се допаѓа посебно иницијативата Стоп на насилството, затоа што овде претежно зборувам за Македонија, за нашата држава. Мислам дека насилството е во изобилство, а жената во тој поглед е незаштитена.“

Секоја четврта жена е жртва на физичко насилство, секоја втора на психичко, од потесното семејство. Македонија сеуште нема национална стратегија за спречување на ова. Нема ниту правна регулатива. Не за долго, ветува потпретседателката на собранието Лилјана Поповска:

„Многу скоро очекуваме во парламентот да дојде измената на законот за семејство, во којашто ќе биде третирано и семејното насилство. Предвидено е за прв пат да се дефинира за прв пат семејното насилство, и организирана заштита на жртвите на семејното насилство од страна на државата и се разбира соодветни казни.“

За сега, во Македонија останува „Шелтер“ единствениот дом на сите малтретирани. Даниела Давовска, го води ова прифатилиште:

„Во моментов има девет жени и осум деца. Меѓутоа, оваа бројка никогаш не е константна, таа е променлнива, бидејќи жените кај нас имаат право да седат од еден ден, до една година и за тој временски период да си го средат, односно да изнадат некое решение за излез од кризната ситуација.“

Она што останува како факт од статистиката е поразителната состојба, жрвите од домашното насилство го премолчуваат малтретирањето, не бараат заштита, живеат во страв и очај, само заради можноста од распаѓање на семејството, економската зависност и надежта дека ситуацијата ќе се поправи.
XS
SM
MD
LG