Достапни линкови

Според аналитичарите, демократизацијата и либерализацијата на земјата главни причини


Турција за само неколку дена беше цел на два терористички напада, при што вкупно загинаа 50-тина луѓе, а неколку стотици беа повредени. Според аналитичарите, една од главните причини е демокатизацијата и либерализацијата на таа муслиманска држава, која фаќа чекор со западниот свет.

Турција едноставно, за терористичката мрежа Ал Каида и сличните на неа, не е доволно муслиманска и тоа за нив е доволна причина и таа земја да биде цел на терористички напади. Таквиот став го изнесе и шефот на турската дипломатија Абдула Ѓул.

„Ние ја развиваме демократијата. Се обидуваме да докажеме дека и муслиманска држава може да биде демократска, транспарентна и во која се почитуваат човековите права. Тоа можеби им пречи на некои луѓе.“

Западните анлитичари имаат слично мислење. Ентони Кордесмен оценува дека и покрај тоа што Турција на американските сили не им дозволи од нејзина територија да го нападнат Ирак, а не учествува и во мировната мисија во таа земја, тоа не беше доволно да биде заобиколена од терористите на Ал Каида. Нападите во Турција, Саудиска Арабија, Мароко и во Индонезија наликуваат на граѓанска војна, декларирана од Ал Каида против либерализацијата во тие земји.

„Тоа покажува дека не станува збор за судир меѓу цивилизациите, туку за судир во цивилизациите, каде што насилнички групи сметаат дека исламот не не е според нивните стандарди.“

Аналитичарот Леон Фуерт додава дека дополнителна мотивација за терористите против Турција се нејзините релации со Израел.

„Постојат блиски врски на Турција со Израел и тоа само по себе ги предизвикува терористите. Како доказ се информациите дека за нападите во Истанбул е осомничена и една група која е поврзана со Хезболах.“

Кордесмен не ја исклучува можноста терористичките акции да бидат проширени и врз други муслимански земји за кои ќе биде оценето дека премногу се отвораат за западните идеи. Екстремистички исламски движења постојат и во многу други држави, во кои моментално е мирно, како на пример Бахреин и Катар. Оттука аналитичарите оценуваат дека единствен начин да се обезбеди мирот е да се елиминираат сите членови на терористичките групи. Дотогаш, Владите не смеат да дозволат заканите од терор да доведат до рестрикција на слободата на сопствените граѓани. Во спротивно, терористите ќе бидат победници.
XS
SM
MD
LG