Сопругот на Фатмира Боњаку е во затвор, обвинет од полицијата за продавање на својот тригодишен син на еден италијанец за те ве приемник со цел преостанатите шест деца да можат да гледаат телевизија. Полицијата, исто така, се сомнева дека таткото имал намера да го продаде и новороденото бебе. Госпоѓа Боњаку, како што пишува Њујорк Тајмс, демантирала дека нејзиниот маж го планирал тоа, но потврдила оти имал намера да продаде уште еден син, бидејќи на таков начин ќе му обезбедел подобар живот во Италија. Во изминативе дванаесет години, односно по паѓањето на сталинистичкиот режим, во Албанија се разви нелегалната трговија со деца. Никој не ги знае точните бројки, но владата претпоставува дека станува збор за шест илјади деца кои најчесто завршуваат како жртви на проституцијата. Многу малку од нив имаат среќа да бидат посвоени од некој брачен пар во Западна Европа. Мнозинството од децата се од џевгит заедницата, група од триста илјади роми кои зборуваат албански. Весникот, повикувајќи се на извори во албанската полиција, наведува дека околу илјада деца од оваа заедница во моментот се наоѓаат во Грција каде што просат. Многу семејства, како и Боњаку, веруваат дека нивните деца ќе имаат подобри услови за живот отколку во Албанија. ,,Мора да сфатите што иселувањето значи за граѓаните на Албанија,, вели Пјер Фери кој работи во канцеларијата на УНИЦЕФ во Тирана. ,,Да го испратиш своето дете во странство е еден вид успех,, додава Фери. Албанската влада презеде кампања со цел да ги запознае семејствата со опасностите со кои можат да се соочат нивните деца. Исто така во земјата функционираат и посебни полициски сили специјализирани во борбата против оваа нелегална трговија со луѓе. Како резултат на нивната активност беше и апсењето на Кујтим, сопругот на госпоѓа Боњаку во јуни годинава. Два месеца подоцна во италијанското пристаниште Пескара беше уапсен шеесет и девет годишниот пензионер Ангело Борели човекот на кој Кујтим му го продаде својот син за телевизиски приемник и за ветување дека наскоро ќе го прими во Италија целото семејство Боњаку. Ветувањето никогаш не беше остварено, пишува Њујорк Тајмс во написот посветен на трговијата со деца во Албанија.
За Албанците тоа би дошло вака: Син за телевизор. Под овој наслов Њујорк тајмс деновиве објави текст посветен на нелегалната трговија со деца во Албанија.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете