Достапни линкови

Желба за заминување во странство кај 70 насто од младите


Желбата да се замине од државава, кај младите луѓе од земјава станува загрижувачка. Ова го потврдуваат и податоците од најновото истражување спроведено од професорски тим на филозофскиот факултет според кое дури 68,7 насто од македонските младинци имаат желба да се иселат од Македонија, а 18 насто од нив тоа би го направиле трајно. Најголемиот процент од испитаниците 74,2 насто, како причина за иселувањето од земјава ги наведуваат подобрите услови за работа во земјите од светот, односно сметаат дека животот во странство ќе им овозможи подобар квалитет на живот воопшто:

„Па, би заминал, пасош да имам, што се вели, би заминал. За мене најголем проблем е што нема работа за образованите луѓе. За другиве деца, можеби има пак, како во секоја земја, се наоѓа кој си работи приватно, кој си работи занает, механичар, ама за другите нема избор воопшто кога ќе завршат факултет.“

„Па не нуди шанси општеството многу. Треба сами да си ги ископаме, кој како ќе се снајде. Се разбира дека други општества нудат повеќе шанси.“


Мислењето на младите од земјава е сепак спротиставено. Иако, сметаат дека животот во други земји нуди подобри услови воопшто, дел од македонските младинци сепак проблемот го лоцираат не само во општеството, туку и кај мрзеливоста на младите да се инволвираат во него и да ги прондајдат шансите за работа во сопствената земја:

„Сеуште не се свесни дека ако малку се потрудат ќе може да најдат некое работно место што сепак ќе им одговара. Постои мислење дека треба да се излезе надвор и таму ќе се најде среќата. Мислам дека нема врска, дури на запад и во странство е многу потешко да работиш и егзистираш отколку овде. Тоа мислам дека е главниот проблем на младите, постојат многу опции, многу шанси, а тие не се свесни дека може да ги искористат.“

„Воглавно сликата не е баш најсјајна. Но, морам да кажам дека кој сака да работи ќе најде место. Тие што не сакаат да работат и да одат во Америка и во Германија и со грантови и со што не таму, не може да се успее.“


Во истражувањето што ги отсликува вредносните системи и животните ориентации на младите во државава, 53 насто од испитаниците одговориле дека не само поради подобрите услови за живот во странство воопшто, туку од земјава би си заминале и поради чувството на небезбедност.
XS
SM
MD
LG