Достапни линкови

Реконструкција на владата, разрешени четворица министри


Собранието ги разреши досегашните министри за финансии Петар Гошев, за економија Илија Филиповски, правда Исмаил Дардишта, и транспорт и врски Миљаим Ајдини. На нивно место доаѓаат досегашниот претседател на парламентот Никола Поповски, градоначалникот на општина Карпош Стевче Јакомивски, уставниот судија Иџет Мемети и потпретседателот на собранието Агрон Буџаку. Ова е прва реконструкција на владата на Црвенковски по една година владеење. Премиерот Бранко Црвенковски говорејќи пред пратениците за едногодишната работа на неговиот кабинет се осврна на безбедноста, односно стабилизацијата на земјата, споредувајќи ја состојбата и пред и понеговото доаѓање на чело на оваа влада.

„Денес во Македонија се води легитимна јавна дебата околу тоа дали е дојден или не, моментот за поднесување на наша апликација за членство во ЕУ. Пред една година покренувањето на таквото прашање претставуваше научна фантастика. Денес, за разлика од пред една година, институциите на државата се присутни на целата територија на земјата. Се разбира, никој од нас не е задоволен со нивото и капацитетот на нивната ефикасност. Понекогаш тоа присуство е и само симболично и тоа е проблем што треба да се надминува во наредниот период. Но, факт е дека денес полициските патроли може да влезат во секое населено место и притоа од локалното население да бидат третирани како своја, а ме туѓа, непријателска полиција.“

На почетокот од денешната седница, опозиционите партии ВРМО-ДПМНЕ, ДП и ДПА побараа пред изборот на новите членови на владата да се расправа по владиниот извештај за работата во првата година од владеењето на коалиционите партнери СДСМ, ЛДП и ДУИ.

„Бидејќи извештајот содржи 200 страници, од коишто повеќе од 50 насто се столб на следната програма, бараме да има прва точка на дневен ред, разгледување на извештајот за работењето на владата на Република Македонија за минатата година и протоа да ни се даде период од десет дена за да можеме тие извештаи да ги разгледаме и да се подготвиме за една нормална седница,“

изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски. Таквиот предлог не беше прифатен, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ иако присуствуваа на седницата не гласаа ниту „за“, ниту „против“ предлогот за разрешување на членовите на владата.
XS
SM
MD
LG