Достапни линкови

ДПА ја отфрла можноста да се вклучи во владината коалиција


Во ДПА потврдуваат дека од меѓународните претставници во земјава добиле сигнали дека оваа партија треба да се приклучи на владината коалиција. Но, оттаму не размислуваат за такво нешто:

„Со целосна одговорност велам дека понудите од страна на меѓународниот фактор за вклучување во актуелната владина коалиција се неприфатливи за нас, не затоа што ние водиме некаков инает, туку затоа што имаме констатирано дека актуелната владина гарнитура не е подготвена да владее заедно со Албанците,“

изјави потпретседателот на ДПА Мендух Тачи.

Ваква понуда не е пристигната до најголемата македонска опозицииона партија ВМРО-ДПМНЕ, потврди портпаролот Влатко Ѓорчев. Понуда за вклучување во владата не е адресирана до ВМРО-ДПМНЕ затоа што македонските политички партии кои се дел од владината коалиција и понатаму имаат стабилно влијание врз електоратот, односно ВМРО-ДПМНЕ не забележало значително зголемување на рејтингот во последниве месеци, пишува во денешниот број весникот на албански јазик „Факти“.

Коалицијата со ДУИ е стабилна, тврдат во СДСМ, а за евентуално вклучување на ДПА во владата не станува ниту збор. И во ДУИ со сличен став, нема простор уште една албанска политичка партија да се вклучи во владината коалиција:

„Изјавите се доста конфузни, бидејќи се зборува дека меѓународната заедница инсистирала за вклучување на ДПА во владината коалиција, а истовремено сведоци сме на една активна кампања на еден вид на изолација токму на ДПА токму од страна на меѓународната заедница, така што не би можело да дадам некој поконкретен коментар освен дека овие ставови, овие тези се доста конфузни и сеуште само во форма на чиста шпекулација,“

изјави портпаролот на партијата Ермира Мехмети, којашто заклучува дека влијанието на партијата врз електоратот е стабилна:

„Минатите две недели господинот Ахмети и високите функционери на партијата беа активно вклучени во контакти, во собири и средби со граѓаните, имаше многу народ, многу луѓе, коишто ја искажуваат нивната доверба, нивната поддршка на ДУИ како албански политички фактор во владината коалиција.“
XS
SM
MD
LG