Достапни линкови

Формирање јавно претпријатие задолжено за просторот за паркирање


Градското собрание во обид да го реши хаосот околу недостатокот со паркинг простор што дополнително го зголемува сообраќајниот метеж во главниот град, како и поради средувањето на нередот околу стопанисувањето со досегашните паркинзи што секако оди на штета на граѓаните најавува дека ќе формира ново јавно претпријатие коешто ќе стопанисува и во чии интегренции ќе биде паркинг просторот во Скопје. Во таа насока градското собрание најавува уште една нова иницијатива, скопјани во иднина нема да може бесплатно да ги паркираат своите автомобили во центарот на градот. Всушност, по воведувањето на еднонасочниот сообраќај, имплементирањето на „загребскиот модел за паркирање“ е следен чекор на градското собрание во обид да се реши собраќајниот метеж во централното градско подрачје. Тоа, како што истакнуваат надлежните, значи дека центарот ќе биде поделен на три зони, од што ќе зависи времето за паркирање на возилата:

„Првата зона е онаа што е клучна што се однесува за потесниот центар и подразбира дека имате право да се паркирате само еден час, затоа што паркирањето на улицата не може да подразбира дека вие дојдовте, најдовте место и тука останавте бесконечно долго, ќе можете еден час, во првата или црвена зона, два часа во втората и веќе во третата зона да има два пати по два часа,“

вели Бранка Станоевска од градското собрание.

Граѓаните пак, воопшто не веруваат дека новиот проект на градското собрание ќе го реши проблемот:

„Нема да го реши, тоа треба да се направат гаражи како што има по светот, инаку како тоа ќе го реши?“

„Хаос е, што да ви кажам друго.“

„Мислам дека има преголем број возила и нема доволен број паркинзи, луѓето ги оставаат возилата каде што ќе стигнат, а инспекцијата нормално ги казнува.“


„Јас живеам во центар, да ви кажам право веќе и колата не сакам да ја возам. Не можам ниту да излезам, ниту да влезам. Да ви кажам право не знам веќе ниту да возам. Триесет години сум возач, не сакам еве гледајте, како да не се нервирам, зашто живеам овде. Гледав на саат ми требаа 40 минути од нова железничка до Беко.“

Целта на воведувањето на загребскиот модел на паркирање е поттикнување на граѓаните за поголемо користење на јавниот превоз со што би се растеретил сообраќајот во центарот. Сепак, имајќи ги предвид постојните капацитети и лошата состојба во јавниот градски превоз се наметнува прашањето дали со новите мерки на градските власти уште повеќе нема да се зголемат и онака големите турканици во автобусите, на сметка на можното намалување на сообраќајниот метеж.
XS
SM
MD
LG