Достапни линкови

Слаѓана Тасева, претседател на државната комисија за борба против корупцијата. Незадоволство од работата на владата, мерките сеуште декларативни


Во истражувањето на Транспаренси Интернешнл се покажа дека Македонија е на врвот на светската листа според степенот на корупцијата во општеството. Како претседател на комисијата за анти корупција, каква е ваквата оценка, има ли подготвеност во земјава за борба против корупцијата, дали сте задоволни од работата на владата во овој сегмент?

Ние не случајно, анализирајќи го индексот за перцепција на корупција на комисија и порачавме на владата веднаш да преземе мерки за ефикасно имплементирање на државната програма за превенција и репресија на корупцијата. Се она што таму е содржано е сосема осмислено и претставува еден систем на мерки коишто меѓусебно се компатибилни и добро осмислени и коишто навистина можат да дадат еден конкретен резултат за да се стегне обрачот околу корупцијата. Тука се надоврзува и проблемот на едукацијата и на јавните обвинители, организациската поставеност на МВР; зајакнување на другите институции, службата за перење пари постои само на хартија, таа е клучен елемент во овие активности. Создавање на специјализирани судови, специјализација на судиите, олеснување на кривичната процедура. Сето тоа се работи коишто мора да се направат и ние рековме дека таа програма ако се сака може да се заврши до крајот на 2004-та со нејзината имплементација, барем во поглед на легислативни и институционални промени и после да работиме на зајакнување на ефикасноста, затоа што наш впечаток е дека владата не застана одлучно конкретно зад преземање на такви конкретни мерки коишто ќе покажат одреден резултат. Сеуште сме некаде во сферата на декларативното. Ние сме во таква состојба, мораме да бидеме одлучни и наеднаш да преземеме многу мерки и често користам една реченица од еден мој колега од Белград, којшто вели дека провалија не можеме да прескокнеме на два пати, мораме да бидеме решителни. Ние исто како комисија во одреден дел не сме задоволни од работата на владата.

Сепак, комисијата за анти-корупција често се посочува како продолжена рака токму на оваа влада. Опозицијата, на пример, обвинува дека под закрила токму на борбата против корупцијата се врши политички реваншизам, се издаваат кривични пријави и се држат во притвор членовите на поранешната извршна власт. Каков е вашиот одговор?

Едноставно, треба да се разграничат работите. Ништо од ова што го кажавте не оди на адреса на комисијата. Ниту комисијата ги поднела кривичните пријави за кои се мисли дека се политички реваншизам, ниту комисијата одредува дали луѓето ќе бидат во притвор или нема да бидат во притвор додека да се заврши постапката, ниту презема било какви мерки иако нашиот став е дека нема да објаснуваме во оваа насока. Мој впечаток е, затоа што имам комуникација и со луѓето од опозицијата дека веќе ја согледаа неселективноста во работата на комисијата. Затоа што, еве вратете се назад на случаите коишто ги отвори комисијата како случаи, почнувајќи од случајот „Фершпед“ којшто се случувал далечната 1994 година, ние бараме да се поништи таа приватизација. Потоа, директорот на фондот за здравство, човек којшто е именуван од актуелната власт, потоа случувањата во не знам одредени фирми коишто ги извадивме како барања за поништување на приватизација или случаи коишто се третираат во комисијата како поединечни. Немаме никаква селективност, ниту пак она што се зборува оди на некој начин на адреса на комисијата. Ние воопшто немаме допирни точки за овие случаи. За се она што работиме дури и владата дознава откако ние тоа ќе го објавиме на прес, немаме претходно никаква комуникација да некого известиме дека еве ние ова го работиме, па уште помалку да прашуваме дали може или не може да се работи одреден дел. Можеби заради тоа и владата малку, имаме впечаток, дека не комуницира со комисијата или дури рековме во еден момент дека можеби и ни прави опструкции. Факт е дека одредени кругови од владата рекоа дека се изненадени од тоа како работи комисијата. Меѓутоа, комисијата го спроведиува законот којшто има задача да го имплементира.
XS
SM
MD
LG