Достапни линкови

Потерницата повлечена, грешка на хрватските власти


Не се работи за грешка на македонските власти, велат во МВР во однос на апсењето на спрскиот потполковник Миле Новаковиќ, за кого хрватските власти имале распишано меѓународна потерница, а за кој понатаму се испостави дека се работи за погрешно лице:

„Тие имаат издадено црвена, или потерница од највисок приоритет, којашто е оверена и од централата во Лион. По таа потерница сите членки на Интерпол се должни да постапат. Значи, во таа потерница се содржани сите верификациони елементи коишто се однесуваат на едно лице кое се бара – кривичното дело за кое се гони и начинот на којшто е извршено кривичното дело. Елементите по коишто ние постапивме во последниот случај беа содржани во патната исправа на лицето коешто го задржавме, така што сето она што беше барано во потерницата, беше потврдено од наша страна. Беше известен хрватскиот Интерпол. Од таму добивме потврда дека се уште е актуелна потерницата и ние постапивме врз основа на тоа – го предадовме лицето на истражен судија кој му одреди мерка притвор од 30 дена“

изјави Мирјана Контевска, портпарол на МВР.

Инаку, дека се работи за погрешно лице потврдија и хрватските власти. Во отсуство, бил осуден на 20 години затвор погрешен Миле Новаковиќ и затоа дошло до забуна за идентитетот на тоа лице.

„Во саботата вечер до нас стигна наредба за стопирање на потерницата по тоа лице по којашто ние секако сме обврзани да постапиме. Значи, ние ја повлекуваме потерницата. Меѓутоа, и една молба или барање со кое се бара на тоа лице да му се прекине екстрадициониот притвор и да се пушти на слобода. Тоа е доставено и до Основниот суд во Куманово“

За да не се повтори ваква грешка, земјите кои поктенуваат потерници по одредено лице треба да постапуваат многу повнимателно, велат македонските власти.
XS
SM
MD
LG