Достапни линкови

Емилија Симовска, Институт за социолошки и правни истражувања. Мешањето на политиката во образованието подолго време продуцира проблеми


Професор Симовска, во Македонија од време на време некако во налети, во серии ни се случуваат бранови на ученички незадоволства, протести, бојкоти на наставата и секогаш експертите се тие кои посочуваат дека сето ова е последица на паартизирано образование и специфичноста на младата популација. Како вие го објаснувате ова?

Добро, прво мора да се расчисти една работа. Не се младите тие на коишто им текнува дека утре треба да протестираат заради одредена политичка одлука. Некој тоа им го кажува. Половината од тие средношколци, сигурна сум, не отвараат весници и не се во тек со одлуките на владата или на министерството за образование. Значи, мора да има возрасна група којашто ќе им го соопшти тоа, којашто ќе ги изиритира до мера до која може многу лесно да ги натера да излезат на улица. Тоа не е никаков проблем, да натерате млад човек да губи часови, да излезе на улица и да вика било што. Барем имаме искуство, повеќе протести сме имале на средношколци и на студенти, на различни нивоа на агресивност и секогаш зад нив стоела одредена возрасна група.

Што според вас е клучот за превенција, за спречување на ова?

Превенцијата лежи доколку ги неутрализирате политичките субјекти, возрасни, не сакам да ги наречам политички партии или било што, не мора да се политички партии секогаш, но групи на луѓе коишто се носители на одредени политички опции и кои за остварувањето на своите цели ја користат младината. Кога нив ќе ги неутрализирате младината сама нема да ви излезе на улица сигурно, тоа е една работа. Втора работа се директорите на училиштата и наставнциите кои дозволуваат да се случат овие протести. Зашто внимавајте, да се работи за протест во кој учениците би барале остварување на некакво свое право во рамки на школувањето, подобрување на условите во образованието, било што тогаш е во ред. Не би смеело да се мешаат ниту наставници, ниту директори и би требало само да внимаваат да не добие агресивни димензии. Меѓутоа, кога се работи за протест со политичка димензија не можете да ги апсолвирате од вина наставниците и директорите. Тие дозволуваат тоа да се случи. Значи, ќе мора да се почне да се работи со нив, макар и од најнепопуларната метода, санкционирање. Тоа се законски можности кои стојат на располагање, што за жал ретко се користени кај нас.

Говорите за санкции и одговорност. Можете ли тоа да го илустрирате со пример?

Еве да ги земеме последните демонстрации во Битола. За мене на пример, е многу релевантно да се проучи, дали со одлуката на министерството за образование е направено нешто за да се испровоцира одреден меѓуетнички проблем. На пример, дали во Битола има доволен број ученици Албанци, средношколци кои сакаат да го продолжат образованието во гимназијата на албански јазик кои според законот ги исполнуваат условите да добијат своја паралелка или се планира тој број да се дополни со луѓе од страна. Ако нема доволно, ако се планирало да се дополни бројот со луѓе од страна, се разбира дека се работи за провокација, во тој случај од страна на оној којшто го донел решението. Ако пак, има услови законски, тогаш на ниту една популација, па ни на сите средношколци во Македонија не смее да им се дозволат никакви протести, кои би воделе во укинување на нечие право, на правото што некој го има. За жал, ние до ден – денес, немаме информација во јавноста дали постојат законски услови или можеби нема законски услови. Значи, треба прво да се види каде е коренот на појавата, а потоа треба да разговараме за санкции на сите, а под санцкии подразбирам и одговорност нели, политичка која е на страна на владата, а прекршочна за оние кои го прекршиле законот, ако е тоа случај. Таква анализа не е добивме.

Со други зборови трендот за осттарнување на политиката од образованието, иако беше едно од предизборните ветувања, не е ниту започнат?

Апсолутно, не е направен, и не само што не е направен туку е и влошен ми се чини на некој начин. Бидејќи, ако вас раководниот кадар во училиштата ви зависи директно од една политичка партија, преку владата и соодветниот министер, се разбира дека тој таа зависност ќе мора да ја одработи.

Ученичките незадоволства делуваат драматично. Тие редовно се еднонационални. Сликата што ја испраќаат и во локални и во пошироки рамки е дека меѓуетничките односи ни се катастрофални. Можеме ли да се потпреме на неа. Дали е тоа така?

Па, сега сигурно не се на некое завидно ниво. Меѓутоа, не се ниту онакви какви што сакаат да ги прикажат екстремните политички опции во Македонија. Дека се недносливи и дека повеќе не може да се живее заедно итн.

Учевствувававте во истражувањето на Сорос за степенот корупција во високото образование. Што беа мотивите за овој проект?

Проблемот е многу сериозен, и тоа сите го знаевме и пред да го направиме истражувањето и затоа и беше спроведено истражувањето. Кај нас корупцијата за жал почнува од предучилишните установи. Бидејќи, корупцијата е широк поим, не се работи само за давање пари за да положите испит на факултет, има различни облици на корупција. Почнувајќи од подароци во вид на злато, во предучилишните установи на воспитувачките, па се до класичните облици на давање мито. Меѓутоа, секогаш се одбегнувал овој проблем, некако се прескокнува, бидејќи е крајно непријатен и тешко покажлив. Многу се говори за анти корупциски кампањи во државата, меѓутоа ако забележувањете никој не го спомена образованието. Тоа беше мотивот на овој проект, не можам да кажам оти со голем оптимист дека нешто може да се искорени, меѓутоа во секој случај доволно е што се проговори во оваа фаза, луѓето почнаа да размислуваат за наоѓање форми за спречување на оваа појава. Студентите сигурно после истражувањето се охрабрија да проговорат за појавата. Не мислам само тука на СОС телефоните што се отворија во Министерството за образование, туку имам впечаток дека многу послободно се говори за овој проблем.

Резултатите на истражувањето наидоа на жестоки реакции од универзитетите?

Многу е тажно што реакциите на универзитетот беа навистина несоодветни. Самиот напад на истражувањето веднаш после истражувњаето покажува дека проблем навистина има. Замислете кога ректорот на универзитетот, од целиот проблем, главниот проблем за него е дали примерокот во истражувањето бил добар и дали се работи за точна или неточна група. Што значи тоа, прво примерокот беше совршено добар, бидејќи беше крајно професионално изработен, врз основа на официјални податоци што постојат во државата. Меѓутоа, еве да претпоставиме дека не беше. Што значи тоа, вие и на улица може да најдете сто студенти, и ако ви кажат дека има некаков проблем, зарем е проблемот дали се тие репрезентативни во однос на општата популација или е проблемот во однос на тоа што тие го кажуваат. И ми се чини дека со тоа што целото внимание се обидуваше да се сврти на методологијата на проектот наместо на проблемот, се остави уште полоша слика во јавноста, дека корупцијата е поголема одошто ние установивме во нашето истражување. Се разбира тоа е непријатна тема, најнепријатна за оние коишто не се корумпирани, а влегуваат во истата група со оние коишто се, затоа што институцијата го изгубила својот имиџ. Меѓутоа, вие и кога велите дека судството е корумпирано, не велите дека секој судија е корумпиран, меѓутоа дека има некои одредени пробелми. Истото важи и за царината и полицијата, така што сето тоа мора да се третира на еднаков начин како и другите проблеми.

И за крај, што ќе бидат и се планираат ли следни активности за борба против корупцијата во образованието?

Се разбира, во наредниот период планираме прво да направиме одредени тркалезни маси, на коишто ќе имаме можност да ги соочиме студентните и професорите, така појавно да се прогови за тој проблем, а потоа се планира една кампања, за охрабрување на студентите да се справат со оваа појава. Значи, да ги пријавуваат случаите, да се спротистават на одредени форми на корупција на кои може да се спротистават. Кампања во смисла за подигнување на свеста дека има начин да се справиме со оваа појава. Бидејќи, она што беше карактеристично за истражувањето беше крајниот песимизам кај студентите дека ништо не може да се поправи.
XS
SM
MD
LG