Достапни линкови

Гасот треба да го замени јагленот во РЕК Битола


Доколку не се изнајде нов енергетски извор за 15 години може да се случи, државата да остане во мрак, зборуваат проценките на енергетичарите во Македонија. Гледано низ призмата на севкупното производство на електрична енергија на државно ниво РЕК Битола учествува со 74 насто, меѓутоа резервите јаглен во рудникот Суводол се смета дека ќе ги задоволуваат потребите на термоелектраната до 2012 година. Потоа неопходно е да се активираат некои други површински копови и подземните копови на Суводол, но според експертите ова се високи инвестициони вложувања и решенија од времен карактер. Витомир Стојковски, првиот вработен во РЕК, а денес пензиониран електроинженер препорачува – гасификација на комбинатот:

„Мора ведбаш да се почне со изградба на гасни термоелектрани, затоа што рускиот гас се наоѓа во Куманово и Скопје, да се направи треба еден гасовод од Куманово, преку термоелектраната Неготино, којашто со мали преправки може да се активира на гас и на тој начин патот на гасоводот се скратува за половина и да продолжи за РЕК Битола. Да се изгради блок веднаш до четвртиот, не смееме да дозволиме, како што некој вели ќе направиме на друго место, затоа што да се прави на ледина некоја е многу тешко и скапо.“

Електроветеранот Дејковски, целиот живот го посвети на перскептивите на битолскиот енергетски комбинат. Во неговите анализи тој се залага за изнаоѓање ефитини и адекватни решенија на проблемот што би ги искористиле постојните можности на РЕК и би ја заштитиле животната средина. Затоа, како илузорна ја отфрла идејата на грчката стручна екипа за увоз на грчки јаглен што би го користел РЕК Битола. Не само што е скап, туку и содржи жив сулфур, што би бил опасен за почвата на Пелагонија, вели тој. Гасификацијата според него, како најпогодно решение ќе овозможи и домаќинствата и индуструските капацитети да користат ефтин гас.

„Електраната на гас ќе дава и електрична и топлинска енергија. Степенот на искористување ќе биде 71 насто, наместо нашите електрани коишто даваат само електрична енергија и нивниот степен на искористување е 33 насто.“

И амбасадорот на руската федерација во Македонија Агарана Сатур истакнува дека руските инвеститори се заинтересирани да продолжат со изградбата на гасоводот. Од друга страна, со гасификацијата Русија ќе подмири 20 милиони долари од долгот кон Македонија што во целост изнесува 65 милиони долари останат од времето на поранешна СФРЈ.
XS
SM
MD
LG