Достапни линкови

Последните протести израз на фрустрациите на мнозинството


Протестите на битолските средношколци и бојкотите на наставата во Скопје различно се доживуваат, од оценки за фашизоидно однесување што е апсолутно неприфатливо до мислење оти тие се израз на фрустрацијата на мнозинството во земјава.

„Она што го прават младиве во земјава е само израз на една реакција на политичка ситуација во земјава, во која се се случува со диктат од горе и барем таков впечаток се има. Спроведувањето на рамковниот договор не е само обврска на македонската заедница, туку и обврска на албанската. Тоа значи и двете заедници, како што се договориле не смеат да стискаат, затоа што ако еден стиска, другиот ќе се фрустрира. Во овој случај, станува збор за фрустрација на мнозинството, кое се манифестира преку младите,“

вели професорот по политичка филозофија Брано Саркањац. Од социолошки аспект, овие случувања се последица и на инзвонредно високиот степен на политизација во нашето образование.

„Да речеме вие никаде во светот немате директори на средни или основни училишта коишто се членови на политички партии. Тие како членови на политички партии мора да ги застуваат нивните интереси и заради сето тоа борбата се води токму на полето на образованието,“

смета социологот Зоран Матевски.

Станува збор за артикулација на позиција која во крајна линија најголема штета им нанесува на имиџот на Македонците, но и на иднината на земјата:

„Оние што сакаат да ја дестабилизираат Македонија, последното поле на коешто може да се дестабилизира е младината.“

Со ова се согласува и професорот на Штуловиот колеџ, Али Алиу:

„Мислам дека е најлоша слика за нас воопшто, а и за македонскиот народ. Мислам дека ова е лоша услуга и за македонскиот народ и за Македонија. Јас мислам дека ова е страшно што се случува кај нас. Просто средновековје, не можам да сфатам зошто е тоа така.“

Сепак, работите не се така драматични како што на моменти се доживуваат, сметаат Матевски и Саркањац. Решението е деполитизација и фокусирање на луѓето на она од што вистински зависи квалитетот на животот:

„Доколку се пробие бариерата во образованието, ако во системот постигнеме да ги подобриме меѓуетничките односи, тогаш проблемот е решен.“

„Економијата е решение на проблемот. Навлечи ги луѓето, на паазар, на производство, на трошење, ова се друго ќе спласне и ќе биде тргнато на страна.“
XS
SM
MD
LG