Достапни линкови

Порастот на кривичните дела во Македонија се должи на социјалниот контекст


Тенденцијата на пораст на убиствата, кражби, разбојништва и други кривични дела се должи на социјалниот контекст во Македонија, вели Виолета Чачева од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања.

„Оваа последна декада којашто ја нарекуваме транзициона, се извршени радикални промени на макросоцијален план, кој покрај позитивните и пожелните состојби, практично доведоа до аномични состојби и тенденции. Како резултат на тие движења, ние се судривме со невработеност од енормни размери, осиромашување на најголемиот дел на населението, неадекватно законодавство, лошо функционирање на државата, лошо функционирање на институциите, нарушување на системот на вредности“

Според Чачева и случувањата од 2001 се исто така причина за пораст на криминалот во земјава. Таа посочува дека за намалување на овој вид на појави потребна е поширока општествена акција

„Многу тешко е изводливо намалувањето на сиромаштијата, зголемување на бројот на вработените, односно намалување на невработеноста, зголемување на функцијата на органите, особено оние коишто се надлежни да го превенираат криминалитетот. Но, да не се лажеме: криминалот и во услови на благосостојба ќе го има. Меѓутоа, она што според мене е најважно е да дојде до ублажување на оние фактори за коишто тврдиме дека го зголемија криминалитетот во овој период“

За последните податоци пак за зголемениот број на кривични дела заменикот потсекретар за криминалистичка полиција Бафтијари Хамдирефет информира

„Статистиката во поглед на овие видови на кривични дела, посебно на крвните деликти и убиставата, споредбено со другите години односно со минатата година, на подрачјето на Републиката бележи зголемување од 30 проценти“
XS
SM
MD
LG