Достапни линкови

Во западните држави во пораст несогласувањето со американската надворешна политика


Нападите од 11-ти септември имаа различи ефекти во делови од светот. Повеќе источно-европски, балкански и централно-азиски држави станаа дел од анти-терористичката коалиција, но сите не добија еднакви бенефиции. Од друга страна во Западните држави е во пораст несогласувањето со американската надворешна политика.

Две години по терористичките напади врз Америка, Некои земји од Југо-источна Европа и од Централна Азија се етаблираа како цврсти сојузници на Соединетите Држави. Тие учествуваа со трупи и опрема во анти-терористичката кампања во Авганистан, а ја подржаа и воената интервенција во Ирак. Како последица на ваквиот однос, Бугарија и Романија и покрај тоа што целосно не ги исполнуваа условите, добија покани за членство во НАТО. Аналитичарот Лаза Кекич оценува дека по 11-ти септември е променета американската стратегија и за Балканот.

„Од тогаш, на Балканот не се гледа како на ирелевентна мисија, туку во геополитичка смисла како рута кон Блискиот Исток. Променето е мислењето дека американците треба да се повлечат или да го редуцираат своето присуство во места како Босна и Косово.“

Земјите пак од Централна Азија, според аналитичарите, за прв пат се во фокусот на меѓународното интересирање. За овие народи сега може да се прочитаат статии во Западните весници. Меѓутоа, во тие држави и натаму егзистираат автократски политички режими и постојано има извештаи за кршење на човековите права, а американското присуство засега не донесе и демократски промени. Од друга страна, две години по терористичките напади, по американските интервенции во Авганистан и во Ирак, во повеќето западно-европски држави и во арапскиот свет, чувствата на солидарност се заменети со се поголем отпор кон американската надворешна политика. Доминик Моиси од Францускиот институт за меѓународни односи оценува.

„Сведоци сме на појава на два Запада – американски и европски, со различни чувства и емоции за заеднички цели.“

Моиси додава дека се појави дистанца меѓу традиционалните сојузници, оценувајки дека ваквиот анимозитет нема лесно да биде надминат и доколку утре на влас во Соединетите Држави дојде опозиционата Демократска партија. Германскиот аналитичар Франк Умбах смета дека јавното мислење во некои европски држави станало многу по критички расположено во врска со унилатералните потези на администрацијата на Џорџ Буш, но оти вината не е само кај американците.

„Сигурно дека има унилатерални тенденции кај бушовата администрација, особено кај тврдата линија во Пентагон. Мислам дека Соединетите Држави не се консултираа со сојузниците кога решија да одат во војна во Ирак. Но и европејците, вклучувајки ја и Германија, исто така имаат унилатерални тенденции.“

Умбах додава дека американскиот претседател по терористичките напади соопшти дека земјата е во војна против тероризмот, а европските граѓани воопшто не сметаат дека се во војна. Таквите различни сваќања, според Умбах, се основната причина што европејците сметаат дека Америка настојува сите проблеми да ги решава со употреба на воена сила.
XS
SM
MD
LG