Достапни линкови

Вечерва Македонија против Англија


Во Скопје за прв пат гостува една репрезентација која била светски шампион, Англија. Фудбалерите на „Гордиот Албион“, ги предводи ѕвездата на Реал Мадрид, најдобриот фудбалер во светот Дејвид Бекам. Со неговото присуство, Скопје барем на момент ја почувствува Бекам манијата. Англиските фудбалери се сместени во хотелот Александар Палас, каде што цели два ката од овој луксузен хотел се резервирани за нив, а капитенот Дејвид Бекам е сместен во истиот апартман, каде што пред три години беше сместен светскиот шампион во формула еден, Финецот Мика Хакинен. По четвртокот, кога пристигна англиската експедиција, зголемени се и мерките за безбедност, што како и вообичаено во Скопје предизвикува сообраќаен метеж.

Од попладнево, пренасочен е и сообраќајот на булеварот Илинден, а забрането е и движење на моторни возила кон градскиот стадион. Поради поголема безбедност, навивачите ќе мора да ги поминат трите безбедносни контроли, од потегот кај владата до градскиот стадион.

Инаку, во Скопје се наоѓа и посебен англиски полициски тим, кој се грижи за безбедноста на англиската фудбалска репрезентација и забраната која ја изрече англиската фудбалска федерација за англиските навивачи, за кои постои наредба да не им биде дозволен влез на „Градски“.

Речиси на сите насловни страни на дневните весници во Македонија се наоѓа англиската ѕвезда, капитенот Дејвид Бекам, а македонските репрезентативци како да се заборавени, ставени се во втор план. Многу мал простор се дава на капитенот на нашата репрезентација Артим Шаќири, од кого најмногу стравуваат англичаните. Англискиот селектор Свен Горан Ериксон на прашањето дали е коректно да се прави споредба меѓу Артим Шаќири и Дејвид Бекам ладнокрвно изјави:

„Мислам дека е коректно, неговата лева нога е слична на десната на Бекам и мора многу да внимаваме на него, тој игра на многу позиции,“

вели аглискиот селектор Ериксон. Дејвид Бекам вчера не сакаше да прогнозира за резултатот, зборувајќи со почит за македонската репрезентација.

Англија пак, не е тим што не може да се победи. Тоа најдобро го покажаа македонските фудбалери во Саутемптон кога одиграа нерешено 2:2, а поттик за нашите сениори претставува и резултатот меѓу македонските надежи и младата селекција на Англија кои одиграа 1:1.
XS
SM
MD
LG