Достапни линкови

Опозицијата обвинува, експертите сметаат дека за обвиненијата треба да има докази


Освен изречените казни за Илко Ѓорѓиев и Амди Бајрам кои се успорени од апелациониот суд, ниту еден друг случај на покренета кривична пријава од актуелната влада за злоупотреба на службената должнот и финансиски малверзации нема добиено правна разрешница. Од тука опозицоната ВМРО ДПМНЕ ја обвини актулната влада за злоупотреба на мерката притвор.

Владо Камбовски професор по кривично право вели мерката притвор треба да трае што е можно пократко.

„Затоа што за цело време додека обвинетиот е во притвор, него го штити пресумпцијата на невиност. Притвор се одредува ако постои опасност од бегство, значи тоа треба да се елиминира; ако постои опасност делото да се повтори и најчесто во нашата практика се оправдува со опасноста од влијание врз постапката, врз доказите и слично. Затоа велам, ако во конкретниот случај се отстранети тие опасности, тогаш очигледно ова мерка се појавува како непотребна“

Проблемот не е само во ефикасноста на судството, потребно е секое обвинение да биде поткрепено со докази посочува професорот Камбовски

„Ако е голо обвинението, или е поднесена само кривична пријава а потоа и барање за спроведување истрага без потребната документација и докази, тогаш не можете да очекувате дека судот експресно ќе го реши случајот. Сега на судот се префрла целата таа процедура на изнаоѓање докази и слично. Мислам дека во голем број случаи предметите не се доволно обработени во претходната фаза и добро е да се обработуваат веќе во полициската фаза на прибирање докази, а потоа во обвинителската фаза и тогаш судот нема да има многу простор да одлага и да пролонгира судења“

Според него судовите мора да воспостават процесна дисциплина, за да може поефикасно да делуваат

„Проблем е процесната дисциплина, тоа што не сакаат да се користат во законот предвидените механизми да се дисциплинираат странките, особено адвокатите во постапката, така што до одлагање често доаѓа на барање на адвокатите затоа што се зафатени, на годишни одмори, болни и слично на тоа, што, особено кога се работи за притвор, е апсолутно недозволено. Судот мора да биде ефикасен и да не дозволува никакви игри од страна на адвокатите“
XS
SM
MD
LG