Достапни линкови

Политизација или исправен потег


Во очекување на долгонајавуваниот старт на медиумската кампања што треба да и претходи на акцијата за разоружување, МВР неделава навидум прво повлече нога и со поддршка на владата и по утврдените неправилности, побара сите некогашни функционери и заслужни граѓани кои добиле на подарок пиштол или пушка, веднаш да ги вратат. Меѓутоа, станува збор за потег што не е предвиден со медиумската кампања и всушност не е дел од акцијата за разоружување. Поради тоа, координативното тело за ова без каков и да е став:

„Тоа е став на владата и по нивна оценка се решава. Законот што ние го спроведуваме е закон за доброволно предавање на илегалното оружје. Тоа оружје е со дозвола, независно дали е подарено,“

изјави претседателот на координативното тело Гзим Острени, додавајќи дека сепак секое намалување на бројот на оружјето кај граѓаните е позитивно.

На потегот на владата, агенцијата УНДП, како советник за медиумска кампања, без каков и да е коментар. Молкот се должи на големата доза политика во целото случување. Имено, прозвани се неколку некогашни министри, академици, новинари и јавноста е информирана кој е рекордер по бројот на пиштолите колку тие чинеле и што се за тие пари можело да се изгради или направи. Се испостави дека сите досегашни министри за внатрешни работи освен актуелниот Хари Костов, кој таквата пракса ја укина со декрет, до сега поделиле 3,000 парчиња оружје, најчесто пиштоли. Но, додека другите делувале согласно правилникот, тој не бил почитуван од некогашната партија на власт ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот министер Љубе Бошковски надвор од правилата подарил половина од оружјето.

На обвинувањата ВМРО-ДПМНЕ чијшто портпарол Влатко Ѓорчев вели:

„Тоа се репресионистички чекори на раководството на МВР. Повеќе од јасно е дека главниот проблем во Македонија е со нелегалното оружје. Во Македонија има од 500 до 700 илјади парчиња нелегално оружје.“

Владата, преку портпаролот Чолаковски реплицира:

„Едно е ако разговараме за разоружување, а друго е да разговараме за пречекорувања во овластувањата, односно злоупотреби во МВР при доделување подароци.“

Иако, сето намалување на оружјето во сопственост на цивили е добредојдено, потегот на владата може да има и негативни последици, особено во делот на акцијата за разоружување, а тоа е јасна и отворена поддршка на сите политички фактори во земјава.

„Мислам дека и на постојната опозиција требаше да и се даде таква шанса,“

оценува членот на координативното тело Тито Петковски.
XS
SM
MD
LG