Достапни линкови

Потребно донесување соодветна законска регулатива


Македонија полека, но сигурно „фаќа чекор“ со модерниот свет во употребата на електронскиот систем за плаќање. Поради економската неразвиеност на земјава дури денес никнуваат банкомати низ градовите, а банките почнуваат да нудат издавање платежни картички, пракса стара многу години во развиениот свет. Новото време, носи и нови проблеми, а џепчиите повеќе не се присутни само на улиците. Новите, таканаречени Интернет криминалци можат да работат користејќи ја комоцијата на сопствениот дом, а за жал, според нивниот број, Македонија воопшто не заостанува зад западните земји. Напротив, многумина, пред се млади лица во земјава ги наполнија своите музички архиви и домашни видеотеки со ЦД-а и ДВД-а купени, се разбира, нелегално преку Интернет со користење на туѓа кредитна картичка. Одговорните посочуваат дека користењето на Интернетот го отежнуваат собирањето докази што би биле валидни пред судот. Токму затоа, и многу од сознанијата на МВР не завршуваат со поднесување кривична пријава.

„Компјутерскиот криминал во Македонија е релативно нов вида криминалитет за којшто МВР има сознанија, меѓутоа, потребна е и соодветна законска регучлатива што би ја покривала оваа материја. Министерството во наредниот период веројатно ќе преземе чекори и за дополнителна едукација на своите служби за да можат да се справуваат со овој вид на криминалитет“

вели Мирјана Контевска, портпарол на МВР. Имено, во Македонија постои само членот 251 од кривичниот законик го регулира компјутерскиот криминал. Тој предвидува казна за дело „навлегување во компјутерски систем“, а сето останато е новитет и за нашиот правен систем. Според експертите, потребно е сериозна работа на дополнување на законската регулатива

„Треба ургентно, во догледно време, да се извршат корекции во кривичниот законик за да бидат покриени останатите сегменти од компјутерскиот криминалитет. Покрај компјутерот, се зема предвид и објектот на заштита – дали е во прашање државата, дали е во прашање имотоот, дали се во прашање некои банкарски податоци, осигурување итн. Компјутерскиот криминал значи надополнување на останатите форми на организиран криминал. Или, тоа е криминал на иднината“

потенцира Никола Тупанчевски, професор по кривично право на правниот факултет.

Од Скопје за Радио Слободна Европа Теодора Давчевска.
XS
SM
MD
LG