Достапни линкови

50 милиони луѓе без електрична енергија


Пеесет милиони луѓе останаа без електрична енергија во североисточниот дел на Соединетите Држави и југозападниот дел на Канада. Властите велат дека немањето струја не било резултат од терористичка акција. Сепак, засега нема официјални информации што е причината.

Без електрична енергија, се делови од Америка и Канада во кои се наоѓаат големите градови Њујорк, Детроид, Кливленд, Торонто и Отава, или, како што известуваат агенциите, секој шести жител на овие две земји е погоден со немање струја. Јавниот превоз е парализиран – не работат аеродромите, метроата, железниците, лифтовите по високите облакодери, улиците се пренатрупани со автомобили, а девет нуклерани централи се затворени. Во првите минути од немањето струја, американците страхуваа од најлошото – односно од терористички акт. Прв тоа го демантира градоначалникот на Нујорк Мајкл Блумберг

„Првата работа што секој треба да ја разбере е дека не постои доказ за некаков терористички чин или нешто слично. Поради една или друга причина дојде до пад на снабдувањето со струја.“

Нешто подоцна од канцеларијата на канадскиот премиер Жан Кретиен беше соопштено дека до испадот на струјата дошло поради тоа што во електричната централа на Нијагарините водопади удрил гром, но ваквото објаснување беше отфрлено откако од Централата дојдоа деманти. Сепак, според канадските власти, хаваријата на мрежите за снабдување со електрична енергија било предизвикано од дефект во една нуклерана централа во Пенсилванија.

„Една работа што мислам дека можам да ја кажам со сигурност е дека ова не е терористички акт. Сега мора да работиме на враќање на струјата што е можно побргу. Мораме да им помогнеме на луѓето. Сакам да им заблагодарам поради тоа што мирно одговорија на оваа вонредна состојба.“

Изјави американскиот претседател Џорџ Буш во телевизиското обраќање до нацијата од Калифорнија неколку часа откако снема струја. За време на неговиот говор некои делови од погодените градови добија електрична енергија. Но, властите предупредија дека ќе бидат потребни неколку денови пред снабдувањето со струја да биде во полн капацитет и побараа од граѓаните да бидат мирни и да не предизвикуваат инциденти. Како што е познато, во 1977 кога Њујорк, поради дефект, дваесет и пет часа остана без електрична енергија, имаше масовно ограбување на продавниците и разбојнички акти. Њујорчани, според извештаите, овој пат не ја повториле таквата реакција, можеби и поради фактот што веднаш на улиците беа распоредни четириесет илјади полицајци.
XS
SM
MD
LG