Декадата Балкански конфликти, од Хрватска до Македонија, одзедоа стотици илади животи и создадоа милиони бегалци и раселени лица. Секогаш помалите народи во регионот беа заборавени жртви, притиснати меѓу ривалските национализми на големите етнички групи, пишува Ле Монд Дипломатик во чија анализа се осврнува врз трагичните настани што се случуваа на просторите на поранешна Југославија и ги тераа луѓето да одбираат етничка страна. Меѓу првите жртви на таквото раздвојување беа босанските граѓани родени во мешани бракови. На Косово пак, албанските националисти, велејќи дека станува збор за конфликт меѓу српските власти и албанското население го игнорираа присуството на србите, како и на помалите етнички групи во Покраината. Во тој конфликт тие луѓе се чувствуваа изманипулирани од сите страни, наведува Ле Монд, додавајќи дека косовската логика се преслика и во Македонија каде што етничкиот, јазичниот и религиозниот мозаик е особено комплексен. Од првите судири меѓу македонските сили и албанските бунтовници во две илјади и првата година, меѓународната заедница бараше да има политички дијалог меѓу овие две страни, игнорирајќи ги другите малцинства во земјата кои беа присилени да афилираат. Србите и власите, како православни нормално се идентификуваа со македонците, но торбешите се најдоа во тешка ситуација. Како група која зборува македонски тие го отфрлија албанскиот национализам, но, од друга страна, македонскиот национализам беше против секоја исламска заедница. Муслиманските организации каде што доминираат албанците, подолго време се обидуваат да ги асимилираат не само нив, туку и турците. Во анализата на Ле Монд Дипломатик се посочува дека во случај ситуацијата да се влошува, помалите заедници не само што ќе бидат принудени да одбираат страна, туку ќе мора да се откажат од многуте нивни посебности. Политичките поделби и војните што го опустошија Балканот предизвикаа да се оди кон национална хомогенизација. Мораа ли југословенските конфликти да завршат со барања за моноетнички држави во кои само неколку малцински групи ќе успеат да преживеат со нивните права гарантирани и набљудувани од меѓународните организации? Самата терминологија е полна со замки. Што се подразбира под народи, нации, малцинства и национални држави? Југословенскиот систем правеше разлика меѓу уставотворни народи и национални малцинства. Овој поим на Балканот има непријатни импликации и покрја ветувањата за меѓународните гаранции. Во балканската традиција, малцинските права значат права отстапени од мнозинството. Како такви, тие секогаш можат да бидат повлечени, се наведува во анализата во која се посочува дека ова влече корени од Отоманската империја односно од таканеречниот милетски статус во заштитата на нетурските групи во царството. Ле Монд Дипломатик додава дека сите војни што потоа го погодија Балканот од источната криза во 1878 година, преку Балканските и двете светски војни до Југословенските можат да се гледаат како обиди да се создадат државни граници кои ќе коинцидираат со идеалните национални територии. Најдобри примери се максималистичките барања за Голема Србија, Голема Албанија и Голема Бугарија. Но, Балканот се покажа дека е премал за да ги задоволи сите овие територијални барања. Титоистичкиот модел за заштита на етничките идентитет на југословенските граѓани се распадна со Југословенската федерација, пишува Ле Монд наведувајќи дека земјите наследнички го задржаа нивното право на националниот карактер на државата – Тоа помалку или повеќе успеа во Хрватска, но по егзодусот на поголемиот дел од србите. Во Македонија обидот да се заснова правото на етничка држава ја доведе земјата до работ на граѓанска војна. Во анализата на крајот се конастира дека од голема важност е на Балканот да се успее да се избегне на етничноста да се гледа како на единствена основа за државата. Во спротивно, ќе бидеме неизбежни сведоци на нови територијални конфликти во кои заборавените малцинства во судирот на национализмите уште еднаш ќе платат висока цена, заклучува Ле Монд Дипломатик.
Заборавените луѓе на Балканот. Под овој наслов Ле Монд Дипломатик објавува анализа за малцинските групи во поранешна Југославија во која се прави обид да се одговори на прашањето: Кој изгуби и кој доби од Балканските војни во изминативе дванаесет години? Притоа се констатира – Најголеми губитници се оние малцинства кои никогаш не беа директен дел од главните конфликти на идентитетот и кои беа принудени да одбираат страна.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете