Достапни линкови

Планинската изворска вода забранета за пиење!


Зголемената посетеност на Пелистер во обид да се најде спас од високите температури, е причина за загадување на изворските планински води. Загадувањето е типично за летните и зимските туристички сезони кога бројот на туристите бележи значително зголемување – известуваат од битолскиот завод за здравствена заштита. Покрај изворската вода од чешмите лоцирани на познатите излетнички места, се загадува и водата од уличните чешми во подпелистерските села. Мештаните кои ја користат за задоволување на домашните потреби реагираат дека загадената вода им го нарушува здравјето:
„Како жители на село Трново полниме вода за дома. Неколку жители од селото беа в болница со лошење, повраќање и инфузии, лекарите ни рекоа повеќе да не пиеме од изворската вода“ – вели Симка Филевска.
Последните анализи земени од примероците на водата која тече во неколку планински чешми, од страна на службата за санитарна хигиена при Заводот за здравствена заштита од Битола, потврдуваат дека загадувањето е опасно по здравјето на граѓаните. Според д-р Гроздан Гроздановски, станува збор за бактериско загадување“:
„Загадувањето најчесто настанува со човековите активности – отпадоците што ги исфрлаат стоци луѓе кои престојуваат тука. Освен тоа, минимално се задоволени потребите од санитарни јазли. Нив ги има само во угостителските објекти, меѓутоа ги нема на терените каде што населението оди на рекреација“.
Санитарната инспекција постави назначувања на чешмите од кои е забрането да се користи вода за пиење. Меѓутоа, оттаму јавуваат дека несовесни посетители од некои локации ги отстраниле назначувањата. Воедно, од Националниот парк Пелистер во чија надлежност е грижата за планинските природни убавини, секојдневно се ангажирани работници кои го отстрануваат сметот што предизвикува загадување на околината. Сепак, потребно е поставување на санитарна инфраструктура, но најважно е подигањето на еколошката свест кај посетителите – реагираат еколозите. Според нив, срамно е студената планинска вода да биде забранета во еден национален парк каков што е Пелистер и тоа во екот на туристичката сезона кога излетничките места се најпосетени.
XS
SM
MD
LG