Достапни линкови

Крушево - главен град на идејата за демократија на Балканот


Крушево со мирно срце и ум можеме да го прогласиме за главен град на европската идеја за демократија на Балканот. Илинденското востание не е единствена битка за слобода и за создавање своја држава, туку битка за верска и меѓуетничка толеранција – рече претседателот на државата Борис Трајковски во своето обраќање на централната манифестација по повод 100-годишнината на Илинден и македонската државност во Крушево:
„Сакам да потенцирам дека во Европа не се влегува без идентитет и достоинство. Големата вистина што е започната овде во Крушево на 2 август 1903, пред сто години, ќе заврши тогаш кога целиот свет ќе го прифати нашето право на идентитет, нашето име – Република Македонија“ – рече Трајковски предупредувајќи дека не смееме да дозволиме да останеме на маргините на патувањето во историјата, во која за првпат сите европски народи се заедно, затоа што идните генерации тоа никогаш нема да ни го простат:
„Местото на Република Македонија е во Европската Унија и за нас од клучно значење е зацврстувањето и натамошната надградба на нашето стратешко партнерство со САД, Европската Унија и Руската Федерација. Во своето дејствување како суверена и одговорна членка на меѓународната заедница, Република Македонија тргнува од националните и државни интереси кои подразбираат стабиулност и безбедност, почитување на правото, развој на демократијата, економски просперитет и напредок“.
Потсетувајќи се на вооружениот конфликт во 2001-та година, претседателот Трајковски нагласи:
„Иако бевме на работ на бездната, успеавме да се извлечеме благодарејќи на мудроста на овој народ и на стабилноста на институциите на системот. Со поддршка на меѓународната заедница го потпишавме Рамковниот договор кој ја затвори можноста за територијални решенија за етничките прашања и кој сигурно не ја отвора вратата за распадот, како што некои мислат или посакуваат. Напротив, отвора реални перспективи за хармоничен развој на меѓунационалните односи, не нарушувајќи ја унитарноста на државата“.
XS
SM
MD
LG