Достапни линкови

ВО ОБРАЗОВАНИЕТО ВО МАКЕДОНИЈА ИМА СЕГРЕГАЦИЈА. вели Јован Донев, директор на Институтот Евро-Балкан


-
Во рамките на проектот „Светлина“ на Институтот Евро-Балкан, Советот за меѓуетнички односи овој пат се фокусира на образованието. Зошто?
-
Вие и самите знаете дека образованието во Македонија е една од најжешките теми, меѓутоа, многу малку е сторено на тој план и токму од тие причини Советот за меѓуетнички односи сметаше дека на ова прашање треба да му се посвети должното внимание.


-
Во заклучоците на Советот се констатира дека е неопходна стратегија за образованието. Меѓутоа, исто така се говори дека религијата не смее да се меша со образовниот процес

-
Па, токму тоа е тоа што го зборуваме – дека ние немаме стратегија за образованието. На некој начин се обидуваме со извесни реформи во средното образование, но високото образование се уште останува такво какво што беше и пред 12-13 години, без оглед на измените што се направени. Од квалитетот на образованието зависи и степенот на развој на една држава. Вториот аспект на прашањето е во тоа што Македонија не е само мултиетничка држава. Македонија е и мултирелигиска држава. И ние мислиме дека основата на судирите не се само меѓуетнички, туку и мултикултурни. И, доколку сакаме да го сочуваме мултиетничкиот карактер на државата, во тој случај е неопходно е религијата да излезе од образовниот процес, но не значи да не се изучува – како историја или филозофија на религијата. Значи, да има еден цивилен пристап во изучувањето на тие прашања, меѓутоа, веронауката воопшто да не биде присутна во образовниот процес.

-
Образованието не смее да се етнизира и да се користи како инструмент во меѓуетничките односи – стои во еден од заклучоците на Советот...

-
Ние сметаме дека во овој момент во Македонија постои процес на сегрегација, посебно во образованието. И дека постојано се одвојуваат учениците – од основното образование па со евентуалните најави за легализација на тетовскиот универзитет ќе имаме и сегрегација на високообразовниот систем. Целата идеја на Штуловиот универзитет, којшто требаше да биде мултиетнички универзитет, каде што и Македонците и Албанците ќе имаат рамноправен пристап и рамноправно изучување на предметите на својот мајчин јазик, а ќе бидат заедно и од нив ќе се формира една единствена македонско-албанска елита која што утре треба да ја преземе одговорноста за државата, за жал – тоа не се случува. Тешко дека ќе можеме со одвоени, паралелни системи на образование да го постигнеме унитарниот карактер на државата. Тоа е едниот аспект, а вториот е дека без оглед на она што се случува во Македонија, ние упорно инсистираме и опстојуваме на тоа дека изучувањето другите јазици што се во употреба во Република Макеоднија треба да им се овозможи на оние кои сакаат. На пример, Македонците да го изучуваат Албанскиот или Турскиот јазик, којшто им е неопходен во животот во средините во коишто се движат, а и јазици коишто се неопходни и за самата држава.
XS
SM
MD
LG