Достапни линкови

СПЦ го условува чествувањето во манастирот „Св.Прохор Пчињски“


Српската православна црква денеска во Белград соопшти дека нема да и дозволи на македонската делегација да го одбележи Илинден во манастирот Прохор Пчињски и оти се противи на враќањето на спомен-плочата на АСНОМ. Црквата и со услов. Еве што изјави владиката Иринеј:

„Услов за посетата на официјалната државна делегација на Република Македонија на празникот Св. Илија во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ и одбележувањето на годишнината на АСНОМ со положување венци, е македонската влада претходно, со официјално писмо адресирано до српскиот патријарх, да ги стави надвор од сила сите свои незасконски и дискриминаторски одлуки во врска со патувањето на српските свештеници во Македонија или преку нејзина територија и да им обезбеди слободно минување на границите како на граѓани со исправни патни документи, без какво и да е одложување да го ослободи од затворот во Битола уапсениот митрополит Јован и да прекине секакво судско гонење на неговата личност. Притоа, српскиот Свети синод не дозволува никакви активности за поставување какви било плочи со натписи за АСНОМ во манастирот Прохор Пчињски. Ако ова не се направи, тие нема да можат да дојдат во манастирот Прохор Пчињски. Имотот на секој манастир, како и секој приватен имот во Европа е неприкосновен. Доколку домаќинот тоа не го сака, ниту една делегација не може да дојде. Ако сепак се обиде да дојде под овие услови, ќе биде вратен од влезот на манастирскиот имот“

Портпаролот на македонската влада Сашо Чолаковски без коментар за побараната писмена гаранција од страна на Српската православна црква. Тој вели:

„Ова не сакам да го коментирам, но велам дека постојат процедури кои треба да бидат договорени. И никаква забрана за транзит низ Република Македонија на свештени лица, особено на СПЦ, не постоела и ниту ќе постои. Нема одредба или член во законот каде што се забранува транзит на свештени лица – дали се од СПЦ или од Лутеранската црква, сеедно. Постојат процедури кои треба да бидат задоволени. Станува збор за два аспекта – еден е за престој на територијата на Република Македонија, службен или приватен, а другиот аспект е транзит низ Република Македонија – службен или приватен. Двете влади тоа го знаат извонредно добро, односите меѓу Белград и Скопје се развиваат исклучително добро, така што нема двете влади да дозволат проблемите што се јавуваат на црковно ниво, меѓу двете цркви, да станат проблеми меѓу двете држави. Во принцип државните проблеми ги решаваат двете влади, а црковните проблеми остануваат меѓу двете цркви. Секако, владите изразуваат конкретна подготвеност да помогнат да се релаксираат односите. Меѓутоа, сепак, бидејќи Прохор Пчињски е споменик на културата, значи дека во оваа ситуација треба да се договараат и двата завода за заштита на спомениците“
XS
SM
MD
LG