Достапни линкови

Главен услов - стручноста


Охридскиот договор во здравството како еден од сегментите за кој државата презеде обврска за поголем влез на заедниците кои се над 20 проценти живее и треба да живее, вели претседателот на Лекарската комора, проф. Алексеј Дума. Не коментирајќи на кој начин во практиката почна да функционира тој договор, професор Дума предвидува:

„Наше предвидување е дека тука треба да влезат не 23 отсто, туку повеќе и ние се трудиме тоа да го направиме. Од друга страна, неприфатливо е тој процент на некаков начин да има влијание врз одредувањето на стручноста“.

Независно од Охридскиот договор лекарите начелно, по дефиниција, треба да бидат космополити, изнесува од друга страна професор Дума. Тоа значи дека тие по ништо друго не може да се разликуваат освен по нивното знаење и стручност, вели тој, укажувајќи така кои би биле последиците доколку критериум при влез во здравството, а во согласност со Рамковниот договор, би претставувал само нивната национална или верска припадност.

„Наместо ние почнеме да се бавиме сами со себе, да стануваме стерилни, да воведуваме ларпурларизам – утметност само заради уметност – нас ни е целта пациентот да биде задоволен и работоспособен. Него не го интересира дали докторот кој го лекува е Македонце, Албанец, Турчин или Србин. Него го интересира дали тој доктор знае или не знае, дали може или не може. Толку“

Во таа насока стручноста исто така треба да биде мерило кон пристапот на колегите кои дипломирале надвор од Медицинскиот факултет во Скопје, додава од друга страна професор Дума, алудирајќи на кадрите од Косово и Албанија кои доаѓаат во Македонија и бараат признавање на нивните дипломи.

„Секој оној којшто не дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје којшто е акредитиран во државата за одредено ниво на едукација, треба да биде изложен на проверка на стручното знаење. Бидејќи административната проверка на неговата стручност не значи и објективна оценка на возможноста и способноста за професионално работење. Работата во здравството е многу конкретна – не е нешто апстрактно што вие не можете да го видите. Многу е јасно: на пациентот можете да му помогнете или не можете, ќе го ускреќите или ќе го направите уште понесреќен него и неговото семејство“
XS
SM
MD
LG