Достапни линкови

Потребно е легализирање на прислушкувањето


Во областа на сузбивањето на недозволената трговија со дрога оваа година може да се констатира негативен тренд, односно зголемување на овој вид трговија – оценуваат во Министерството за внатрешни работи. Отаму велат дека на ова упатуваат запленетите количини на разните видови дрога, бројот на откриени и инволвирани лица, бројот на лица кои злоупотребуваат дрога, како и профитот што се остварува од оваа нелегална трговија.

„Со оглед на тоа што низ нашата држава минува таканаречениот Балкански пат на дрогата, преку кој таа се транспортира во Италија и во другите западноевропски земји. Министерството презема значајни мерки за спречување на шверцот со дрога и за пресекување на тнр. меѓународни канали за транспорт на дроги. Во последното шестомесечие пресечени се осум меѓународни канали, а беа лишени од слобода девет странски државјани против кои беа поднесени и кривични пријави“ – изјави Мирјана Контевска, портпарол на МВР, која додава дека овие меѓународни канали за транспорт на дрога, во принцип се откриени со меѓународна соработка.

„Меѓународната соработка на овој план е многу значајна и Министерството партиципира во неа“

Освен меѓународната соработка, во борбата за постигнување резултати во борбата против трговијата со дрога, потребно е легализирање на прислушувањето:

„Во оваа сфера од голема помош би била употребата на овие полициски мерки и овозможувањето во доказната постапка да се користи и овој материјал. И трговијата со дрога спаѓа во групата организиран криминал и за да бидеме ефикасни и ние треба да се организираме и да употребуваме понови методи што другите држави во светот веќе ги употребуваат“ – вели Бахтијари Хамдирејдин, заменик подсекретар во Министерството за внатрешни работи.
XS
SM
MD
LG