Достапни линкови

БОРИС ТРАЈКОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РМ. Имплементацијата на Охридскиот договор не ги загрозува интегритетот и унитарноста на државата


Господине Претседателе, по речиси две години од Охридскиот договор – дали Македонија се движи во вистинскиот правец на интеграција или одиме кон дезинтеграција на државата?

Мислам дека и најголемите скептици кои не веруваа во времето на потпишувањето на Охридскиот договор, денеска веруваат дека Македонија не оди кон својата дезинтеграција. Од договорот што беше потпишан, досега е реализиран проектот за децентрализација и се очекува до крајот на годината да биде завршена нормативната рамка, а фактичката трансформација на локалната власт да заврши до 2004-та година, до одржувањето на локалните избори. На планот на правичната и еднаква застапеност на етничките заедници во јавната администрација мислам дека се гледаат забележителни резултати, особено на планот на интегрирањето на Албанците, и тоа е највидливо во одбраната и безбедноста. Оттука, мислам дека целосната имплементација на Рамковниот договор не може да го загрози ниту територијалниот интегритет и унитарноста на државата, ако притоа, во неговата примена се почитуваат европските стандарди.


Можни ли се некакви изненадувања со новата територијална поделба – да има можеби еден вид рфегионализација или кантонизација на Македонија?

Поаѓајќи од утврдените принципи на Охридскиот документ, сметам дека не би требало да се постави како прашање наметнувањето на принципот на мајоризација над одредено национално малцинство и да бидат загрозени и чувствата, и присуството на одредени малцинства во одредени средини. При донесувањето на новиот закон за територијална поделба прво треба да се појде од она што значи основа и принципи во Рамковниот договор. Исто така, треба да се користат и европските искуства, повеќе критериуми, економската издржливост на единиците на локалната самоуправа. Верувам дека Македонија нема да дозвоили, во политичка смисла на зборот, да биде поделена како што често пати се зборуваше во географска смисла на зборот. Значи, не би се дозволило, на пример, терминот Западна Македонија да се користи во политичка смисла.


Какви се моменталните односи на релација претседател на држава – влада и каква е вашата оценка за досегашното функционирање на владината коалиција?

Во моите основни заложби, уште на почетокот на мојот мандат, јас ја изложив мојата определба и заложба дека ќе работам во интерес на националните и државните интереси и во интерес на граѓаните. Притоа, не сакам и не водам сметка за политичката коњуктура, за тоа кој е на власт, ниту пак за интересите на одредени поединци и партии кои се борат само и само да останат на власт, менувајќи ги и своите основни принципи во кои верувале. Поаѓајќи од таквата позиција, го градам мојот однос и со сегашнава влада и можам да кажам дека немало големи разијдувања околу она што значат магистрални правци на долгоорочен план или иден развој на државата, на она што значи надворешно-политички стратешки цели, на внатрешен план околу безбедноста, економскиот развој и нашето интегрирање во европските институции.


Во сите анкети граѓаните на Македонија велат дека им е доста од политика и бараат работа и егзистенција. Од друга страна, се поголем е бројот на невработените – младите и образовани кадри ја напуштаат Македонија. Сметате ли дека оваа влада спроведува економски реформи?

Точна ви е констатацијата од прашањето. Таква е ситуацијата. Денеска во Македонија најголеми проблеми се сиромаштијата и невработеноста. Врпочем, и во неодамнешното интервју на премиерот за вашиот медиум, тој истакна дека од една страна постоеле нереални очекувања, меѓутоа, од друга страна дека можело нешто повеќе да се стори на тој план. Еве, сакам да верувам во неговите предвидувања и оптимистички најави дека 2004-та година ќе биде година на економски препород или интензивен развој, што многу ќе влијае и врз остнатите два сегмента што јас често ги споменувам, а тоа е конечното стабилизирање на безбедносната ситуација и состојба во државата, како и за она што значи наша аспирација кон Европа и кон НАТО структурите. Сметам дека на тој план во овие осум месеци ситуацијата не е многу променета и барем она што јас можам да го извлечам како закључок од кажувањата на обичните граѓани е бесперспективноста. Луѓето ја напуштаат земјата. Владата тука не направила којзнае колку и во иднина треба да се проектираат задачите. Сиромаштијата и понатаму останувам проблем. Беа дадени ветувања годишно да се остваруваат по 20.000 вработувања, меѓутоа, сведоци сме на цифри од стотина или неколку десетици вработени луѓе, така што сметам дека ова е многу важно.


Европската Унија официјално инсистира на регионална соработка во процесот на приближување. Но, од друга страна, Хрватска добива прашалник за поднесена кандидатура, а Македонија ја нема никаде. Дали сме повторно наивни, чекаме некој друг од страна да ни ги повлече потезите или треба нешто да се стори?

Сакам нешто да истакнам што и за вас е познато, а што е аксиом во Брисел. Тоа е дека не е возможно зачленување во Европската Унија само врз основа на групни перформанси или пак на планот на регионално постигнување, туку сето тоа зависи од индивидуалните заложби кон дадените задачи и критериуми што секоја држава посебно треба да ги исполни. Од друга страна, регионалната соработка е еден од предусловите за адаптирање во европски дух на соработка и натпревар меѓу државите. Но, регионалната соработка никако не значи супституирање на она што ние треба да го направиме како Македонија. Но, верувам дека до крајот на годината надлежните органи во државата ќе седнат и ќе ги утврдат приоритетите.


Македонија меѓу Соединетите држави и Европската Унија во актуелните трансатлански недоразбирања. Дадовме поддршка на воената интервенција врз Ирак, го потпишавме билатералниот договор за Меѓународниот кривичен суд. Какви бенефиции можат да се очекуваат од Вашингтон, или пак санкции од Брисел?

Нашиот став по прашањето на интервенцијата во Ирак и околу Меѓународниот кривичен суд не значи априори дека ние сме зад САД а против Европската Унија. Република Македонија соработува подеднакво, би рекол интензивно и квалитетно, и со Соединетите Американски Држави и со Европската Унија и оттука гледам дека станува збор за една квалитетна надворешна политика која во иднина треба да инсистира да се продлабочува соработката со тие два крупни меѓународни политички ентитети. Успешноста за изнаоѓање на разумен баланс ќе и овозможи на Македонија добро да се позиционира и да изгради добра иднина во идниот европски проект, а со тоа мислам дека и реализацијата на нашите долгорочни интереси и цели станува се пореална.
XS
SM
MD
LG