Достапни линкови

Интернационализација на мисијата во Ирак


Секојдневниот отпор со кој се соочуваат американските војници во Ирак ја наметнува потребата од интернационализација на тамошното странско присуство. Тоа е добро и за нас, вели американскиот претседател Џорџ Буш. Франција, Русија и Индија веќе изразија подготвеност да учествуваат во тие сили, но доколку тие бидат одобрени од Обединетите Нации.

Неодамнешните демонстрации во ирачкиот град Наџаф ги принудија американските војници да ги наместат бајонетите на нивните пушки за да ги потиснат разгневените приврзаници на анти-американскиот шиитски верски лидер Муктада Ал Садр. Околу десет илјади демонстранти бараа итно заминување на американските сили од овој свети град. Претходно Ал Садр ги нарече марионети – членовите на новиот Ирачки совет формиран во Багдад. Овие демонстрации уште еднаш покажаа дека американците се соочуваат со тешкотии во обезбедувањето на потребната поддршка од шиитите во Ирак, иако двете најдобро организирани шиитски групи – Врховниот совет на Исламската револуција и партијата Дава се во новата привремена влада. Аналитичарите сметаат дека овие две партии, и покрај тоа што бараат заминување на американците од Ирак, работат со Вашингтон поради прагаматични причини. Тие веруваат дека шиитската заедница направила фатална грешка пред осумдесет години кога во креирањето на модерен Ирак власта ја добија помалубројните сунити бидејќи беа блиски со Британија. Шиитите веруваат дека сега не треба да ја пропуштат шансата. Сепак, движењето на Ал Садр одбива да работи со американците.

„Ал Садр и неговите ирански домаќини направиле договор – тие финансиски да го поддржат во замена тој да го прифати иранскиот теократски модел на уредување во Ирак.“

Вели експертот за ирански прашања Вилијам Сами. Некои аналитичари дури сметаат дека зад скоро секојдневните напади врз американските војници не се приврзаниците на Садам Хусеин, туку токму оние што сакаат Ирак да биде држава по примерот на Иран и се против американското присуство таму. Ваквите потешкотии, и големите трошоци во Ирак, по се изгледа го натераа американскиот претседател Џорџ Буш да изјави:

„Колку повеќе ќе бидат инволвирани во Ирак, толку ќе биде подобро за нас. Тоа е токму нашата намера – да ги охрабриме да учествуваат во изградбата на побезбеден и послободен Ирак.“

Според Буш, и резолуцијата на Советот за безбедност со која се признава американската управа врз Ирак ги овластува земјите да учествуваат во коалиционите напори. Сепак, Франција, Русија и Индија изјавија дека нема да партиципираат во стабилизационите сили, се додека тоа не биде одобрено со нова резолуција на Советот за безбедност.
XS
SM
MD
LG