Достапни линкови

Вработените незадоволни, а ситуацијата доаѓа до точка на вриење


По ЕСМ, следното јавно претпријатие кое се подготвува да се ослободи од вишокот вработени е „Македонски Железници“. Проблемот е што и во „Железници“ ослободувањето од вишокот вработени ќе се реализира по принципот и критериумите применети во ЕСМ:

„Во правилникот што е усвоен има бркање на работници според критериуми каде што на удар ќе бидат вработените со најмалку стаж,“

тврди Никола Богоевски претседател на независниот синдикат во Македонски железници. Измените во колективниот договор се реализирани точно пред еден месец, со јасна цел, според желбите на актуелната власт да се спроведат најавените ослободувања од вишокот вработени, е ставот на Никола Димитровски од Здружението за заштита на вработените во управата и јавните претпријатија. Субјективноста при оценувањето на вработените е главниот недостаток што ќе најде практична примена при пополнувањето на листите за бодувањето што на краојот ќе треба да ги исфрлат оние лица кои ќе мора да ги напуштат своите работни места.

„Бодирањето го врши непосредниот раководител кој тукушто е именуван, а раководителот после е бодиран од страна на директорот, што значи дека раководителот ќе мора да ги бодира вработените по желба на директорот“

Според пресметките на Светската Банка од вкупниот број 3,800, 2,500 вработени во „Македонски железници“ ќе треба да ги напуштат своите работни места. Вработените тврдат, во „Македонски железници“ нема превработеност, има неправилан прераспределба на работните места:

„Нема технолошки вишок, туку има одреден број вработени на несоодветни работни места“

Наместо најпрвин да се оди со трансформација на јавното претпријатие, а дури потоа со чистење на вишокот вработени, менаџментот на „Македонски железници“ го одбра спротивното решение:

„Уште во 2001 година во согласност со Светска банка започната е изработка на студија за трансформација. Сега тој процес е запрен и се работи само на списоци за отпуштање од работа“

За разлика од ЕСМ каде одеднаш беа отпуштени 1,100 вработени, во „Македонски железници“ отпуштањето се реализира постепено:

„Отпуштањето не е најавено, тоа веќе тече. Отпуштија една група од деведесетина луѓе како технолошки вишок и сега очекуваме за време на летните годишни одмори кога луѓето ќе бидат распрскани, да се продолжи со објавување на списоци по огласните табли“

Од „Македонски железници“ информираат, со оглед на развојот на настаните полека се достигнува точката на вриење:

„Трпението на вработените е при крај и полека тие ќе си ја земат судбината во свои раце“

„Македонски железници“ е единственото јавно претпријатие во Македонија што во периодот од 1998 до 2002 наместо зголемување, има намалување на бројот на вработени за 500.
XS
SM
MD
LG