Достапни линкови

Бранко Црвенковски, премиер на Македонија. Можеше и повеќе и подобро, но можеби и очекувањата беа преголеми


Изминува една година од парламентарните избори лани кога ја добивте довербата и мандатот од граѓаните. Во јавноста се присутни негодувања од темпото на премените кон подобро што се очекуваа, има и збунетост и незадоволство. Колку сте вие задоволни од оствареното во овој период?

Па, веднаш на почетокот да кажам дека и мое лично убедување е дека можеше и повеќе и подобро. Но, во исто време треба и објективно да се погледне на работите и да се оцени дека навистина и очекувањата можеби беа преголеми. Изминатиот период беше всушност период каде што многу енергија и време потрошивме на тие работи, бидејчи реално да погледаме постојат причинско последични односи, во смисол дека не можеме да очекуваме некој позначаен исчекот на економски план, се додека не ја стабилизираме безбедносно, пред се државата што е неопходен предуслов не само за странските, туку и за домашните потенцијални инвеститори да влезат во тој процес на инвестиции и да започне тој процес на еконосмки развој и отворање нови работни места. Така што ова беше период во којшто се обидувавме и мислам дека успеавме државата да ја стабилизираме. Ако денес, 74 насто, барем според анкетите што се објавуваат, од граѓаните, сметаат дека најголем проблем во државава се еконосмките и социјални тешкотии, а пред десет месеци, исто толкав, ако не и повисок процент го поставуваа прашањето за мир или војна, тоа значи дека сепак за осум месеци колку што функционира оваа влада, полека, но сигурно стануваме една држава, во која оние теми што се вообичаени за секоја една нормална и стабилна европска држава, тоа е економијата и социјалата, стануваат доминантни. Јас верувам дека до крајот на годинава ќе можеме да констатираме дека сме дошле до една таква ситуација во која ќе можеме да констатираме дека немаме потребно ниту од меѓународно воено присуство. Знаете дека одлуката на владата е дека финалното продолжување на мандатот на евро силите ќе биде до 15-ти декември, што ќе биде и еден сигнал дека државата е стабилизирана, дека влегува во помирни води и дека тоа ќе ги охрабри и инвеститорите што ни се толку неопходни.

Ја споменавте безбедносната ситуација. Наспроти евидентното подобрување пред неколку месеци, таа повторно е вознемирувачка, би се рекло?

Она што ја вознемирува јавноста со право се инцидентите што ни се случуваат, пукотниците подметнувањето на бомби итн. Тоа не треба да се потцени, ниту да се релативизира. Меѓутоа, мислам дека треба со сите сили надлежните институции да ги преземаат мерките не само да ги откриваат виновниците, туку и превентивно да делуваат да се минимизира бројот на такви инциденти. Меѓутоа, она што исто така треба да се воочи, да се констатира е дека за разлика од пред десетина месеци, кога при слични инциденти, она што беше главното стравување, а тоа е дека ќе има поддршка и солидарност од локалното население, пред се, мислам на албанското население, овој пат е веќе сосема јасно, е дека граѓаните на Република Македонија без разлика на нивната етничка припадност ги осудуваат ваквите инциденти, ги изолираат, ги сметаат за екстремно радикални и неприфатливи или со други зборови огромното мнозинство граѓани на оваа држава сега се на страната на институциите на државата и тоа е еден квалитет којшто мора да се прво евидентира, да се констатира, меѓутоа и да се искористи како појдовна база токму за поуспешна борба против сите екстремни радикални структури, криминални структури коишто на овој начин со предизвикување инциденти повторно сакаат да ја вратат државата назад и да предизвикаат состојба на хаос каде што тие се чувствуваат најсигурни и најкомотни.

Каква е состојбата во меѓуетничките односи за кои постојано укажувате дека се клучни за иднината на државава?

Кога ние говориме за стабилност на Македонија, за безбедност и сигурност на граѓаните, пред се говориме за меѓуетнички односи. Оттука е сосема јасно дека меѓутночките односи се самиот темел за државата и вие го знаете мојот став и тој е непроменлив, константен уште од преговорите во Охрид, а тоа е дека Рамковниот договор, значи политичкиот договор што се постигна треба да се испочитува, треба да се имплементира без било какви одолговлекувања или не знам, нови редизајнирања, бидејќи тоа е основниот предуслов да влеземе во втората фаза којашто најверојатно ќе ни одземе и многу повеќе време и енергија, а тоа е враќање на меѓуетничката доверба. Знаете, иако не е за потценување тежината, меѓутоа сепак е поедноставно е да се донесе еден закон во собрнието од она да се врати доверабата меѓу обичните граѓани, меѓу Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците, значи да се создаде она што е неопходен предуслов навистина за во еден подолг период градење на едно интегрирано општество.

Вкупните состојби зависат многу од економијата, меѓутоа општ е впечатокот дека процесите во оваа област бавно се одвиваат?

Економијата е сектор каде што најтешко е на краток период да се постигнат резултати што ќе се почувствуваат. И тука треба да бидеме свесни за таа реалност. Она што беше главна преокупација во првите осум месеци беше да се залечат на некој начин сите оние дубиози, буџетски дупки, празнини нелогичности во водењето на економско-финансиската политика во изминатиот период и што е многу битно да ги воспоставиме повторно, да ги нормализираме односите со меѓународните финансиски институции, со ММФ, со Светската Банка, на тој начин да ги ослободиме и средствата од донаторската конференција. Значи, тоај беше главната преокупација, се разбира, кога се склучува аранжман со ММФ и тој се спроведува е јасно дека ќе има и социјални потреси, бидејќи тоа е главната каракетеристика и на аранжманите и на економските реформи. Тогаш кога ние ќе споменеме реформа, всушност говориме за промена којашто не погодува баш на интересите на сите граѓани, што значи јасно е дека спроведувањето на една реформа бара одредена социјална цена, којашто едноставно мора да се плати. Битно е дали знаеме и дали сме убедени дека патот по којшто одиме е исправниот пат. Јас верувам дека резултатите ќе дојдат. Кога велам дека ќе дојдат, не говорам за некоја далечна иднина, мене ми е сосема јасно дека за нашите граѓани е многу битно покрај верувањата за добра иднина, да имаат и добра сегашност. Значи, кога велам дека резултатите ќе дојдат, очекувам тоа да биде скоро. Очекувам 2004 година да биде година во која целосно ќе се посветиме на економијата, што не значи дека и сега не работиме на тој план, меѓутоа да не се враќам на оној претходен одговор. Сепак, мора да покажеме дека сме држава која е политички и безбедносно стабилна за да очекуваме некој поголем исчекор или резултат на економски план.

Во борбата против корупцијата несомнено се соочувате со жесток противник?

Да, можеме да забележиме дека борбата против криминалот и корупцијата не оди така како што верувам сите граѓаните на Република Македонија би поскале. Јас морам да кажам дека МВР и обвинителството до сега покажаа една завидна ефикасност на овој план, меѓутоа она што е многу битно е и другите сегменти на политичкиот систем да функционираат исто така брзо и ефикасно, тука пред се мислам и на судството. Бидејќи е многу битно покренатите постапки да добијат и своја завршница. Јас не прејудицирам каква ќе биде таа завршница, и какви пресуди ќе се донесат, меѓутоа мислам дека ова развлекување, одолговлекување на долг период, на некој начин ја убива надежта кај граѓаните дека можеме ефикасно да се справуваме со ова најголемо зло со криминалот и корупцијата и на крајот на краиштата придонесува радикално да опадне доербата во судскиот систем во Република Македонија што исто така секое испитување на јавното мнение го покажува. Оттука, јас се надевам дека ваквите мои препораки никој нема да ги сфати како мешање во независноста на судството, бидејќи пак ќе речам, не прејудицирам какви пресуди, меѓутоа инсистирањето на ефикасност во судството, мислам дека е нешто што е легитимно, неопходно и потребно.

И на крајот, две недели пред Илинден која би била вашата порака до граѓаните?

Ќе чествуваме сто години македонска државност. Сто години од Илинденското востание, нема поголема потврда или потврда која ќе докаже на најдиректен начин дека сме и народ и држава со свои корени, со свое минато. Меѓутоа, исто така сакам да порачам и сакам сите заедно да порачаме од празнувањето или со празнувањето дека ова е и народ и држава и со своја иднина, а не само со свое минато. И убеден сум дека Република Македонија, граѓаните на Македонија, македонскиот народ, навистина пред себе имаат јасна перспектива доколку цврсто, решително, доследно чекориме по патот којшто го избравме.
XS
SM
MD
LG