Достапни линкови

Спојување на ДУИ и НДП, ДПА се враќа на политичката сцена


Од денеска Македонија со една политичка партија помалку, а на политичката сцена по дво месечна абстиненција се враќа ДПА. НДП на Кастриот хаџиреџа се претопи во ДУИ на Али Ахмети. Со пристапувањето во ДУИ приврзаниците на Хаџиреџа во новата партија добиваат едно потпретседателско и неколку места во централното претседателство. Приспојувањето со ДУИ сепак е неприфатливо за дел од членството на НДП. Најбурен во реакциите останува единствениот пратеник на оваа партија Џезаир Шакири познат со прекарот Хоџа, кој воедно беше и најзаслужен што оваа партија на изборите доби едно пратеничко место.

„Кој сака може да оди во ДУИ, а Џезаир Шакири дефинитивно останува во НДП и тоа поради многу причини. Да сакав да преминам во ДУИ тоа ќе го направев на време, немаше да чекам Џеват Адеми да ме однесе таму,“

изјави Шакири.

А денеска ДПА ја повлекува одлуката за мораториум во дејствувањето на партијата, донесена точно пред два месеца. Ваквата одлуката на Централното Собрание на партијата значи и враќање на пратениците од оваа партија во Парламентот. Неизвесна останува судбината на лидерскиот двоец во оставка Џафери- Тачи и дали партијата ќе добие нов лидер на Конгресот закажан за 5 јули. Како можни кандидати за местото лидер во ДПА се споменуваат имињата на актуелниот градоначалник на Тетово Муртезан Исмаили и координаторот на пратеничката група Замир Дика. Нов лидер на својата партија утре избира и втората албанска опозициона партија ПДП. Единствен кандидат за претседател е Абдулменаф Беџети.
XS
SM
MD
LG