Достапни линкови

Клучна тема - нацртот на новиот европски устав


Монденскиот комплекс на Халкидики Порто Карас во следниве три дена е центарот на Европа. Нејзината иднина е во рацете на шефовите на државите и владите на 15-те земји членки кои на самитот имаат густо набиена агенда. Првиот ден на работната маса се чувствителни прашања, оние што на Европа и создаваат турбуленции и главоболки. Безбедносен контекст, обезбедување на надворешните граници на ЕУ и клучниот проблематичен аспект, сузбивање на илегалната имиграција.

Но, на 15-те земји членки им се придружуваат и десетте кои идната година ќе станат дел од Европа. Вториот ден, акцент се става на европскиот устав кој ги зацртува правните рамки на унијата. Во сабота фокусот е Западниот Балкан. Црната дупка на Европа, Македонија, Албанија, Босна и Хецеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора. Веќе е позната декларацијата што ќе се усвои. Очекувањата дефинитивно пропаднаа, за некакви гаранции и ветувања за кандидатура за членство. Тие очекувања не е претерано ако се каже дека беа нереални. Најразочарана, според реакциите е Хрватска, за разлика од Македонија, која е прилично расположена, можеби затоа што се споменува терминот партнерство. Но, дали ќе бидат дел од Европа, зависи од самите земји.

Она што се бара се реформи. Тие ќе се оценуваат и надгледуваат. Практично, пред Македонија е силен мониторинг, во сите сфери и со тоа завршува ерата на празни зборови и ветувања на балканските лидери. Европа бара економски реформи, пресметка со организираниот криминал и корупцијата, деполитизација на судството и безброј забелешки што со години ги игнорира регионот. Она што за возврат ќе го даде ЕУ се екстра 200 милиони евра, иако македонските политичари очекуваа и најавуваа 300. Техничка и експертска помош, се со цел да зајакнат институциите, да се прилагодат на европските стандарди. А пораката е јасна, се зависи од волјата на Западниот Балкан да се оттргне конечно од агонијата и да стане дел од европското семејство.
XS
SM
MD
LG