Достапни линкови

Поддршка на меѓународниот мировен план


По денешните разговори во јорданското пристаниште Акаба, со американскиот претседател Џорџ Буш, премиерите на Израел и на Палестинците Ариел Шарон и Махмуд Абас ја изразија нивната поддршка на меѓународниот мировен план за Блискиот Исток.

Американскиот претседател Џорџ Буш оценувајќи дека на самитот бил постигнат важен напредок ги повика двете страни да преземат итни чекори за постигнување мир во регионот.

„Двајцата премиери се согласија дека за мир се потребни крај на насилството и елиминирање на сите форми на омраза и предрасуди, почнувајќи од учебниците до изјавите на политичарите.“

Рече Буш кој додаде дека со напорна работа и храброст е можен мир на Блискиот Исток.

„Сите сега тука делиме иста цел: Светата земја мора да биде поделена меѓу државата Палестина и државата Израел, кои ќе живеат во меѓусебен мир.“

Израелскиот премиер Шарон го поддржа, како што е предвидено со планот, постоењето Палестинска држава покрај Израел.

„Во интерес на Израел е да не владее со палестинците, туку тие сами да владеат во своја сопствена држава. Демократска Палестинска држава, во целосен мир со Израел, ќе промовира долгорочна безбедност и за еврејската држава.“

Премиерот Шарон најави дека Израел веднаш ќе започне преселување на некои еврејски населби од Западниот Брег. Палестинскиот премиер Махмуд Абас, од своја страна го осуди насилството против израелците и изјави дека палестинското востание мора да заврши. Инаку, Претседателот Џорџ Буш обелодени дека ќе испрати тим да го следи прогресот и оти побарал од државниот секретар Колин Пауел и од советникот за национална безбедност Кондолиза Рајс приоритет да му дадат на мировниот план за Блискиот Исток.
XS
SM
MD
LG