Достапни линкови

Македонската влада и МПЦ во одбрана на интегритетот на црквата и народот


МПЦ и владата стојат на апсолутно заеднички ставови за самостојноста, интегритетот и суверенитетот на македонската држава, народ и црква, изјавија портпаролот на МПЦ, Тимотеј и портпаролот на владата Сашо Чолаковски по средбата во владата иницирана од, како што рече Чолаковски провокацијата содржана во одлуката на СПЦ да конституира свет синод на некаква автономна Охридска архиепископија во Македонија.

„Зачувувањето и одбраната на афтокефалниот статус и целовитоста на Македонската православна црква, зачувувањето и одбраната на нејзиното име кое е директно поврзано со националниот идентитет на македонскиот народ и на македонската држава, се стратешки интерес и на црквата и на македонскиот народ и на владата,“

рече Сашо Чолаковски. Тој најави оти македонската влада ќе се обиде да контактира со српската влада за политички да ја амортизира одлуката на СПЦ како и да сугерира српскиот владика Павле да не доаѓа во Македонија, со цел како што беше најавено да го постави за егзарх расколникот Јован. Во таквата намера на владиката Павле владата не верува, а портпаролот на МПЦ Тимотеј вели:

„Тоа е лудорија на Јована, но верувам дека неговата светост патријхархот Павле има поголема разборитост и умност и нема да прифати такви лудории на Јована“

Владиката Тимотеј најави оти ќе бидат преземени мерки против Јован за криминални злоупотреби на должноста, но не прецизираше дали на денешната средба во владата на која присуствуваше и министерот за внатрешни работи Хари Костов станало збор и законректни мерки против Јован. На средбата било побарано и да биде испратена протесна нота до владата на Србија.

„бидејќи ги пореметува добрите релации меѓу македонскиот и српскиот народ“

Дека спорот на релација МПЦ-СПЦ во иднина може да ги наруши односите на релација Скопје - Белград упатува и професорот по историја Јован Донев:

„Затоа што во крајна линија мораме да бидеме свесни дека евентуалното прифаќање на Охридската архиепископија може да биде и сериозен балон за прифаќање на некакви решенија за државното уредување на Република Македонија“
XS
SM
MD
LG