Достапни линкови

Одлуката на СПЦ прогласена за ништожна


Синодот на МПЦ едногласно ги отфрли сите одлуки на СПЦ со кои се повикуваат македонските архиереи да стапат во литургиско и канонско единство со пеќката патријаршија.

„Се отфрла заканата и сите тие одлуки немаат никаква важност во МПЦ,“

изјави портпаролот на МПЦ Тимотеј по седницата на Синодот на која е прогласена за неважечка и одлуката на СПЦ да формира Синод на автономната Охридска архиепископија на чело со поранешниот владика Јован, како и двајца епископи:

„Тоа е фикција, сите законитости на МПЦ важат на просторот на Македонија и од 59 година со одлука на Соборот на СПЦ е кажано дека македонската православна црква се раководи со свој Синод и со свои одлуки и уставот на СПЦ не важи на просторот на Република Македонија.“

И според господин Тимотеј, еден таков паралелен Синод во Република Македонија не би имал поддршка од никого во Синодот на МПЦ. Коментирајќи ги мотивите поради кои СПЦ настојува да бара конституирање на свет Синод на автономната охридска архиепископија тој рече:

„Целта е да биде ставена СПЦ во комплетна дневна политика, на наши „пријатели“ соседи јужни, коишто сакаат и црквата да се употреби за обезличување на македонската држава и македонскиот народ.“

Во таа насока Тимотеј рече оти натамошните разговори со СПЦ ќе зависат од тоа како во иднина ќе се однесува таа црква:

„Тоа ќе зависи од нив, кога ќе се ги променат своите одлуки и кога ќе ги отфрлат лоповите коишто ги поставуваат за егзарси во Република Македонија. МПЦ ќе си остане она што е, најверојатно уште подолги години, во непризнаен статус.“
XS
SM
MD
LG