Достапни линкови

Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ


Во градот каде партијата вообичаено ги започнуваше изборните кампањи, околу 300 делагати расправаат за делувањето во изминатиов четири годишен период меѓу двата конгреси. Треба да биде усвоена новата програмска платформа, а белег на конгресот ќе му даде изборот на новиот лидер, кој на тоа место ќе дојде по 13 годишното претседателствување на Љубчо Георгиевски, кој ја водеше партијата од нејзиното основање во 1990 година:

„Во Македонија прв пат се случуваат две работи, првата е дека ВМРО-ДПМНЕ е првата политичка партија во којашто лидерот на партијата како чекор на негова волја се повлекува од лидерското место после загубените избори, и втората работа, исто во која ВМРО-ДПМНЕ е пионер е дека за избор на нов претседател имаме двајца кандидати што исто така говори за внатре партиската демократија,“

вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев.

Тој очекува на конгресот партијата да ја потврди својата демохристијанска ориентација и како што вели како стожерна партија на политичкото дејствување во Македонија да покаже дека е алтернатива на актуеланата власт. По конгресот, ќе пристапиме кон хомогенизирање и консолидирање на партијата, најавува Ѓорчев:

„Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ едноставно има свои предизвици, значи дека ќе треба да се приспособиме на новото опозиционо делување. Имаме искуство во институциите на системот, знаеме како тие делуваат и многу подобро ќе можеме да го критикуваме СДСМ, односно да бидеме коректив на власта онаму каде што ќе згреши или пак онаму каде што ќе можеме нешто да предложиме како резултат на нашето искуство.“

Портпаролот Ѓорчев посочува дека новиот лидер ќе биде личност чиј адут е економијата:

„ВМРО-ДПМНЕ ќе има претседател којшто ќе биде најсилен во економијата, којшто ќе има резултати зад себе и којшто македонските избирачи ќе ги убеди дека може да ги реши економските проблеми.“

Охридскиот конгрес се очекува да ги расчисти дилемите дали во партијата ќе се вратат некои од личностите коишто порано се дистанцираа од неа. Утрешниот избор на новиот лидер ќе покаже кој од двајцата кандидати Марјан Ѓорчев и Никола Груевски ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период.
XS
SM
MD
LG