Достапни линкови

Промовиран албумот на Вања Лазарова и Мирослав Тадиќ


Како прв македонско – американски музички проект, како што знаат да кажат продуцентите, новиот албум на Лазарова и Тадиќ содржи десет нумери од кои осум се традиционални изворни песни. Вокалите се снимени во студиото на Влатко Стефановски, а гитарите и другите музички инструменти во Калифорнија. Автор на аранжманите и продуцент на материјалот е Мирослав Тадиќ. Издавач на материјалот е продукцијата „Трето Уво“ чиј прв човек Иво Јанковски вели:

„Тадиќ според неговото знаење како музичар и мајсторство во работата силно навлегол во проблематиката и по мое убедување направи едно ремек дело. Музички јасно е дека се работи за еден музички продукт што сигурно ќе остави трага во македонската музика.“

Ја бележиме и изјавата на Влатко Ориѓански, еден од членовите на „Анастасија“ и долгогодишен соработник на нашата пејачка.

„И така живееме во едно време во Македонија кое што е призма по прашање на дух и сите вакви чекори се добредојдени. Инаку, Вања е легенда на македонската музика и животот сакаше во неколку години да сними три ЦД-а. Таа има преку 70 години и тоа е подвиг.“

А, тетка Вања, како што викаат сите љубители на нејзината песна, со силината на својот народски збор само ќе рече:

„Овој пат се радувам за тоа што го направив дискот како што треба, да речеме и подобро од што се надевам. И нема да одбијам секогаш кога Иво ќе ме покани се додека ме држи гласот. Глас имам и не знам до кога ќе ме држи.“
XS
SM
MD
LG