Достапни линкови

Три експлозии во квартови населени со странци во Ријад


Четирите силни експлозии околу полноќ одекнале во квартовите населени со странски државјани во саудискиот главен град Ријад. Американската амбасада во тој град соопшти дека повеќето од ранетите и загинатите биле американци. Саудискиот министер за внатрешни работи Наеф Бин Абдул Азис изјави дека експлозиите биле предизвикани од бомбаши самоубијци кои со автомобили полни со експлозив влегле во населените квартови. Очевидци велат дека претходно имало и пукање. Министерот Азис нападите ги поврза со откривањето на една ќелија на Ал Каида во минатата недела во Ријад. И според американскиот државен секретар Колин Пауел, експлозиите во Ријад ги носат сите знаци на оваа терористичка мрежа.

„Уште еднаш. Ова не потсети дека тероризмот е глобален феномен против што мораме да се бориме. Сакам да ги изразам моите најдобри желби до оние што се повредени за нивно брзо заздравување. Ваквите терористички акти нема да ги спречат Соединетите Држави во нивнната заложба за мир во светот.“

Рече Пауел на прес конференцијата во јорданскиот главен град Аман од каде што денеска пристигна во Ријад. Некои новински агенции јавуваат дека нападите биле со цел да се спречи оваа негова посета. Меѓутоа, Стејт Департментот веднаш по нив соопшти дека експлозиите нема да го измени дневниот ред на блискоисточната турнеја на државниот секретар Пауел.
XS
SM
MD
LG