Достапни линкови

Оставката нема да донесе поголеми промени во партијата


Образложението за оставката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски дека одлуката за оставка на функацијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ меѓу другото ја темели на незадоволство на дел од општинските комитети на партијата кои барале негова оставка, според оценката на членот на ИК на оваа партија Ганка Самуилова Цветановска не упатува на постоење на фракции кои носат можност од подвојување и турбуленции во партијата во перспектива:

„Појавувањето на фракциите во рамките на една партија или поинакви размислувања зборува дека станува збор за една исклучително демократска партија. Фракциите и понекогаш поникавите размислувања резултираат само со профилирање и кристализирање на најдобри идеи во моментот.“

Одлуката на Георгиевски за заминување од функцијата нема да влијае врз концептот и курсот според кој оваа партија работеше до сега, оценува Ганка Самуилова Цветановска. Во меѓувреме, експертите ги прават првичните анализи за можните ефекти врз политчката сцена во Македонија како резултат на заминувањето на лидерот на најголемата опозициона партија во Македонија.

„Па, не верувам дека радикално тоа ќе смени нешто, затоа што контактите со Љубчо Георгиевски ќе останат, а и тоа е тим којшто долго време работи заедно и тешко е да се поверува дека нешто битно ќе се смени,“

изјави професорот на филозофскиот факултет Ферид Мухиќ.

Инаку, во образложението на оставката, Георгиевски како една од причините го наведе и незадоволството од односот на меѓународната заедница кон него и кон Македонија. Коментирајќи го тоа портпаролот на ОБСЕ Волфганг Гревен вели:

„Одлуката на господинот Георгиевски да ја напушти лидерската позиција на ВМРО-ДПМНЕ е негова лична одлука и како таква мора да биде почитувана. Што се однесува на идниот лидер на партијата ОБСЕ изразува надеж дека кој и да биде на таа позиција во фокусот на партијата ќе остане интеграцијата кон евро-атлантските структури. ОБСЕ уште еднаш ја нагласува посебната одговорност на ВМРО-ДПМНЕ како потписник на охридскиот договор.“
XS
SM
MD
LG